Аеродром ќе добие уште едно повеќенаменско спортско игралиште

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујоски, официјално го означија почетокот на изградбата на ново повеќенаменско спортско игралиште наменето за граѓаните на Реонски центар Аеродром.

Ова е дел од проектот „100 повеќенаменски игралишта“ како инвестиција на Владата, но и Општина Аеродром до сега има изградено повеќе од 20 вакви повеќенаменски спортски игралишта.

„Сите игралишта во Општина Аеродром граѓаните можат да го користат бесплатно, па дури и во вечерните часови, со оглед на фактот што се осветлени. Општината ќе продолжи да гради вакви спортски терени на сите оние места каде што недостасуваат сè со цел жителите на општината да имаат каде да спортуваат“, изјави градоначалникот Коневски.

Конкретно, на спортското игралиште што почнува да се гради денеска ќе може да се игра ракомет, фудбал и кошарка.

Вкупната површина на повеќенаменското игралиште заедно со обиколната патека изнесува 1.300 квадратни метри, и ќе содржи два гола за мал фудбал и ракомет, како и четири коша.

Игралиштето ќе биде оградено со транспарентна жичана ограда висока шест метри и ќе биде целосно осветлено за да може рекреативно да се користи и во вечерните часови.