АФЕРА: Познат тенисер со лажен ковид сертификат учествувал на Австралија опен

Австралискиот тенисер Алекс де Минаур, рангиран на 32 место на АТП листата, е меѓу лицата вклучени во аферата со лажни Ковид потврди, јавија денеска светските агенции, повикувајќи се на извори во шпанската полиција.

Во скандалот се вмешани и други спортисти и јавни личности. Минаур, кој денеска го слави својот 23-ти роденден, минатиот месец настапи на Австралија опен, каде вакцинирањето беше задолжително за сите учесници, поради што најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ беше исклучен од турнирот и депортиран од земјата.

Шпанската полиција оваа недела ја заврши втората фаза од истрагата почната во јануари против локален огранок на криминалната организација, која нудела лажни здравствени сертификати и ПЦР тестови преку апликација за размена на пораки.

Истрагата потврди дека челните луѓе на организацијата биле во Франција. Вкупно 11 лица се уапсени поради „фалсификување или користење фалсификати“, а околу 2.200 лица купиле фалсификувани потврди. Плаќањата биле вршени во криптовалути на сметки во трети земји.

Лажен ПЦР тест чинел 50 евра, лажна Ковид потврда 200 евра, додека 1.000 евра било наплатувано за лажни потврди за вакцинирање.