Џафери испрати телеграма со сочувство до семејствата на загинатите

Претседателот на Собранието Талат Џафери изрази сочувство лично и од име на пратениците во Собранието за трагично загинатите лица во автобуската несреќа што се случи во Бугарија, со надеж и верба дека никогаш повеќе нема да бидеме сведоци на ваков трагичен чин и нема да дочекаме ваков тажен ден.

Џафери на патниците кои успеаја да се спасат од оваа несреќа, им посакува брзо заздравување на физичката и на душевната болка.

„Длабоко сум трогнат од ужасната вест за неповратно изгубените човечки животи на наши сограѓани во автобуската несреќа во Бугарија. Тагата, горчината и беспомошноста се чувствува во сечиј поглед, во сечија душа и ум. Со мислите, со молитвите и со сето мое битие сум со семејствата на трагично загинатите, иако свесен дека во моментов, нема збор што може да ја утеши нивната болка, загуба и вечната празнина што ќе остане по загубата на драгите членови на семејството. Свесен за младите животи кои беа на прагот на нивната младост и имаа уште многу што да понудат на овој свет и да добијат во возврат од него“, се вели во телеграмата за сочувство од претседателот на Собранието, Талат Џафери.