Џафери: Измените на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците нема да поминат во Собранието

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат процедурална можност да поднесат предлог за измени и дополнување на Законот за употреба на јазиците, но мора да имаат предвид дека за тоа е потребно двојно мнозинство односно Бадентерово мнозинство, кое го сочинуваат немнозинските  пратеници, најмногу пратеници Албанци, а за тоа кај нив нема расположение, изјави денеска претседателот на Собраието Талат Џафери.

– Во Собранието има група закони кои се носат со двојно мнозинство  т.е. со Бадентеровото мнозинство  и секој подносител на таков предлог би требало да има предвид дека конечната одлука зависи од волјата на тие што се немнозински пратеници, а во оваа ситуација имајќи предвид дека мнозинството на немнозинските  пратеници или Бадентеровото мнозинство го сочинуваат пратениците Албанци, предлагачите треба да обезбедат таква согласност. Законот за употреба на јазиците е донесен со такво мнозинство и секоја измена содветно се донесува со такво мнозинство. Секој предлагач може, треба претходно да обезбеди такво мнозинство за да може да смета на поминување на законот, рече Џафери, по денешната конференција за реформите во разузнавачкиот сектор.

Според него, укажувањата од Венецијанската комисија не се обврзувачки, а донесените закони во Собранието треба да се спроведуваат се додека преку соодветна процедура на претрпат евентуална измена.

– Укажувањата на Венецијанската комисија се необврзувачки и не значи дека по автоматизам законодавниот дом треба да преземе соодветни мерки по нив.  Што се однесува до укажувањето дека дел од институциите  не се во можност во моментот да  ги спроведат сите аспекти на Законот за употреба на јазиците, тоа е работа на институциите на кои се однесува законот и тие во соодветно време треба да обезбедат предуслови за да може да ги спроведат законските одредби. Впрочем секоја институција е должна да обезбеди  инфраструктура за да ги спроведе законите онака како што ги донел законодавниот дом. Во тој контекст сметам дека ниеден предлагач кој и да е, во однос на евентуални дополнувања на Законот  за употреба на јазиците, нема да најде соодветна  поддршка кај пратениците  Албанци, имајќи предвид дека  тие го сочинуваат двојното мнозинство. Во дадениот момент мислам дека  таква подготвеност кај пратениците Албанци не постои, изјави Џафери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.