Џафери: Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост, на грижата и сочувството

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќањето на манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, што се одржа на плоштадот Македонија по повод 110 годишнината од нејзиното раѓање, порача дека Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост, на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните и сиромашните и не толку среќните во животот.

За време на манифестацијата, свечено беше откриена и обновената спомен-плоча на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Света Мајка Тереза во центарот на Скопје.

„Денес кога светот се соочува со пандемијата на Ковид-19, кога гледаме закана по здравјето на целото човештво, огромен удар врз темелите на секој здравствен и економски систем, сите поеднакво имаме потреба од заемна поддршка. Живееме во чудно време со нови и непознати предизвици, меѓутоа зарем ги нема секоја етапа од општествениот развој своите карактеристични тешкотии. Меѓутоа тоа што останува исто пред секоја тешкотија колку и да е таа непозната е подадената хумана рака, солидарноста и жртвувањрто на комоцијата и опуштеноста, затоа што несреќата тропа на секоја врата. Апелирам до сите да бидеме совесни и одговорни, да се грижиме едни за други, да се грижиме за блиските, познатите и непознатите и на овој начин да придонесеме за победата на ова зло кое го има зафатено светот“,  порача Џафери.

Тој нагласи дека ова е нашиот предизвик, ова е битката што актуелните генерации треба да ја водат, за да го поразиме современиот непријател, каков што е Ковид-19.

„Како што рекла и големата Мајка Тереза „Одете дома и сакајте го своето семејство“, затоа што се почнува од семејство“, додаде Џафери.

Во рамки на манифестацијата беше промовирана и книгата „Од Гонџа Бојаџиу до Мајка Тереза – Сага за животот на Албанците католици од Скопје“.

Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани рече дека во книгата е претставен животот на Мајка Тереза во нејзиното Скопје до Калкута. Оваа книга, посочи, е една сага за католичките семејства во Скопје.

„Наскоро ќе упатиме предлог и елаборат до Собранието со цел да ја прогласиме Мајка Тереза за национално богатство, така што таа да стане и лична карта на нашата земја секогаш со надеж дека избраните претставници на народот ќе го поддржат овој предлог“, потенцира Асани.