Џафери не чувствува потреба да се извини: Никој не сака служби кои работното време го поминуваат на улица Македонија

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на неодамна објавената аудио снимка.

-Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата. Ако некој мисли дека таа треба работното време да го помине на улица „Македонија“, претпоставувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието, ниту во која било институција, рече Џафери на денешната средба со медиумите.

Како што рече тој, раководството на Собранието ги направило сите предуслови за да создадат соодветни услови за службата, и статусно и материјално и институционално.

Џафери образложи дека службеник во Собранието според Закон, има повисока плата за 20 отсто од својот колега во која било друга институција. Потсети и дека минатата година беше извршена набавка на 100 компјутери за нејзина употреба.

„Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата работното време да го помине на улица „Макединија“, се лаже. Ни помалку, ни повеќе не барам. Да бидат на свое работно место колку што е пропишано. Осум часа имаат време да бидат на свое работно време, осум часа треба да се на работното место“, потенцира Џафери.

Тој апелираше до пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ да води сметка за она што го направиле и за она што го кажале.

-При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, останатото или другото е прашање на јавноста“, рече Џафери на брифингот со новинарите.