Џафери: Никој не ми доставил иницијатива за уставни измени, ако нема консензус, напразно зборуваме

Сѐ уште нема конкретна иницијатива за уставните измени, а согласно Деловникот, пленарна расправа за промена на Уставот е ограничена на три дена по амандман. Ова го изјави денска претседателот на Собраниетo Талат Џафери на брифингот со новинарите.
– Пресметка на време лесно се прави, од моментот кога ќе имате иницијатива. Од инцијативата произлегува опсегот што ќе биде опфатен. Ако нема консензус, напразно зборуваме. Колку и да има амандмани, пленарната и комисиската расправа се ограничени по три дена за уставните измени. Мојата обврска почнува кога ќе добијам конкретен предлог, иницијатива, рече Џафери.
Тој истакна дека за да може уставните измени да се донесат во ноември, постапката треба да почне во јуни или јули.
Рече и дека е определен максимумот колку може да трае дебатата во однос на амандманот, односно текстот.
– Не е пречка, ниту процедурата, ниту тајмингот, ниту времето. Определено е колку може максимум да трае дебатата во однос на амандманот, односно текстот. И во тој контекст тајмингот не менува многу. Меѓу пленарните седници мора да има по 30 дена, од иницијативата до нацртот 30 дена. Откако ќе се утврди нацртот следи јавна расправа минимум 15 дена, максимум 30 дена. Некоја ориентирана пресметка може да се направи лесно. Јавната дебата ќе биде по сите прашања од 15 до 30 дена, рече Џафери.
Тој додаде дека Комисијата за уставни прашања ќе треба да претрпи измени во составот на членовите или замениците членови, поради преминување на пратеници од мнозинството во опозиција на пратениците Павле Трајанов и Сафије Садики Шаини.