Џафери оствари средба со делегацијата од Косово

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери оствари средба со членовите на делегацијата на Комисијата за надворешни работи и дијаспора на  Косово, со Хаки Абази, Илза Хоти, Фиторе Пацоли и Тиме Кадријај, кои престојуваат во еднодневна посета на  Република Македонија.

Претседателот Џафери нагласи дека оваа посета претставува дополнително унапредување на конструктивната билатерална соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Собранието на Република Косово, по посетите на високо ниво меѓу двете држави, меѓу кои и неговата официјална посета на Република Косово, реализирана во март оваа година. Го поздрави формирањето на Групата за пријателство во косовското Собрание и изрази надеж дека групите за соработка во двата законодавни дома, како и комисиите ќе ја интензивираат меѓусебната соработка.

Тој  нагласи дека двете држави споделуваат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика и Република Македонија принципиелно ги подржува Евроатланските аспирации на Република Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на стекнатите знаења и искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО Алијансата. Џафери ја повтори и силната поддршка за визната либерализација за граѓаните на Косово со ЕУ, како и поддршката за членството на Република Косово во меѓународните организации и иницијативи, меѓу кои и во Советот на Европа. Исто така, истакна дека Република Македонија ги поддржува напорите  за решавање на прашањата меѓу Приштина – Белград како важен придонес за стабилен регион.

Претседателот на  Комисијата, Хаки Абази, изразувајќи задоволство од добрите билатерални односи, нагласи дека постои простор за унапредување, со оглед дека двете земји имаат исти надворешно политички приоритети, членството во евроатланските структури. Тој истакна дека Република Косово е определена за добри односи со сите соседи, вклучително и Република Србија, на рамноправна основа и нагласи дека регионот има историска можност за градење мир во кој нема простор за конфликти. Абази ја нагласи и заложбата на неговата земја кон Берлинскиот процес како начин на забрзување на патот кон ЕУ и изрази благодарност за поддршката од Република Македонија за зачленување на Република Косово во меѓународните организации.

Двајцата соговорници се согласија дека треба да се направат повеќе напори за олеснување на движењето меѓу двете земји и во таа насока за забрзување на работите околу изградбата на автопатот од македонска страна до граничниот премин Блаце.