Џафери: Овој собраниски состав постојано работи во специфични услови

Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА го оценува овој парламентарен мандат како можеби најтежок досега имајќи ги предвид тешките одлуки што требаше да се носат не само оваа година, туку од самиот негов избор наваму. Собраннието, според него, работеше под специфични услови, почнувајќи од она што се случи во 2017 година.

-Не само оваа година, и претходните година и половина односно две, Собранието работеше под специфични услови.Генерално како мандат е еден од потешките, ако не и најтежок мандат во кој што се одвиваа многу работи којшто сигурно ќе остават историски белег во работата на Собранието, во смисла на она што го начнавте и вие, доста тешки одлуки кои требаше да се реализираат и мислам дека со трпелива работа успеавме да ги надминеме, да ги слушаме сите разлики под однос на дебатата, дадовме соодветно време на сите кои што требаа да учествуваат во таа дебата, соодветно мислам дека се земаа предвид поголемиот дел од укажувањата и од спротивните ставови и со тоа фактички успеавме да го заокружиме носењето на битните одлуки и проекти кои беа пред нас, истакна претседателот на Собранието.

Ако оди се како што е договорено и се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април, Парламентот ќе се распушти на 12 февруари, а бидејќи се однапред ќе се знае и ќе биде договорено, како што вели Џафери, техничката Влада може да биде избрана истиот ден кога ќе биде констатирана и оставката на актуелниот премиер. Тоа, како што додава тој, би можело да биде и на 3 јануари 2020 година, а од 4 новата преодна влада да започне да функционира.

Во интервјуто претседателот на Собранието зборува и за актуелните случувања во Парламентот со бројните закони и набиената агенда, блокадите на одредени законски решенија и политичките поени што на тој начин парламентарните групи се обидуваат да ги „соберат“ пред најавените избори, стабилноста на коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ, очекувањата од претстојните предвремени парламентарни избори и за негов евентуален нов мандат…

До 31 декември Собранието го очекува набиена агенда имајќи ги предвид најавените активности, но и информациите за доставување нови закони, како оној за јавно обвинитество. Има и незавршени седници. Имате ли план како да се реализираат сите предвидени активности, имајќи предвид дека не секогаш може да постигне кворум за работа на Парламентот?

Секако крајот на годината е моментот кога се собираат повеќе работи кои што би требало да се довршат. Би рекол дека работата е редовна со редовна динамика. Главно, како што знаете и претходно, секој месец има своја динамика во однос на обврските и работите на Собранието. Крајот на годината резултира и со процедурата за носење на Буџетот за наредната година, што се носи во посебна процедура имајќи предвид дека претходно на комисиска расправа Буџетот се разгледува десетина дена, па, се враќа на Влада, па, дополнет – предлог на буџетот, кој што во принцип се гледа пет работни дена и во тоа време не може да се разгледа ништо друго од материјалите што се на седница. Отпочната е седница пред Буџетот со седумдесет и две/три точки на дневен ред од кои една третина веќе има поминато во расправата во Собранието. Прекинавме со таа седница поради Буџетот. Како што знаете ги носевме законите од финансии кои беа врзани со обврските со меѓународните финансиски инстанци и истата продолжува наредната недела. До крајот на неделата ќе заврши дебатата за Буџетот и ќе се донесе Буџетот. Наредната недела е нова седница на која според доставените материјали до сега има преку сто точки на дневен ред. Имајќи ги предвид процедурите и роковите од Деловникот јас како претседател сум обврзан да ги ставам во процедура соодветно материјалите кои се доспеани во рок од 20 дена од доставување до пратениците до почетокот на седница. Но Собранието е активно секојдневно. Се примаат нови матреријали како што доспеваат од овластените предлагачи и во соодветно време се планираат нови седници на кои ќе бидат ставени на дневен ред и тие материјали. Имајќи ги предвид огромниот број на материјали, на точки, идејата ми е наредната недела да се работи со две седници паралелно и тоа на почетокот од 11 часот до паузата да се работи по една седница, а после паузата од 15 до 18 часот да се работи по другата седница и да ги водам паралелно двете седници за да се стигне што повеќе точки да се поминат, да се донесат што повеќе закони. Но сето тоа зависи како ќе се одвива дебатата на самата седница за прашањата што се на дневен ред. Организациски е осмислено како да се одвива работата, со која динамика, а како ќе се одвива самата работа во текот на денот ќе зависи од дебатата како ќе се одвива на седницата.

Дополнително на ова се и блокадите на одредени законски решенија, како Изборниот законик за којшто се поднесени многу амандмани, Законот за одбрана, за следење на комуникациите… Колку оваа ситуација е резултат на прерано почната кампања на политичките партии за претстојните избори најавени за април и дали може да се излезе од овие ако може така да се изразам блокади за собирање политички поени?

Имајќи предвид дека веќе е договорено датум за избори 12 април, тоа само по себе создава атмосфера и клима во однесувањето меѓу самите пратеници. Прво внатре групите, веројатно секоја од нив си мисли каде и што со нив пред и по новите избори, секако дел од законите не се усогласени во ставовите, мнозинството и опозицијата и затоа стојат во место и имајќи предвид дека за дел од нив е потребно двотретинско мнозинство. Во тој контекст јас и не сум отворил расправа по тие закони, затоа што ако се отпочне расправа, а не се доврши ризикувам да ги блокирам и сите други точки. Затоа настојувам се она што не е спорно во односите меѓу власта и опозицијата да си поминат и во догледно време доколку се усогласат страните да се отвори дебата и по тие закони. Во секој случај, ако се обезбеди двотретинско мнозинство ќе отвориме расправа и по тие закони да се донесат. Особено законот за одбрана, законот за академија за судии и обвинители, законот за класифицирани информации… Изборниот законик, мојот став го знаете уште пред да се пушти во собраниска процедура, имајќи го предвид временскиот период и тајмингот кога се пушти во процедура несоодветно е на она што претходно беше најавено за денот на изборите. Очигледно нема усогласени ставови внатре во коалицијата, во мнозинството. ДУИ има поинаков став од СДСМ и предлагачите, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ има поинаков став по однос на начинот на носење на законот и преговорите околу изнаоѓање можност. Значи согласност нема, така што тоа е изразено и преку бројот на амандмани коишто се доставени до Комисијата. И секако таков тип на закон уште претходно беше укажано од моја страна не би било соодветно да се пушти во постапка доколку нема согласност, затоа што тие што не се согласуваат ги користат сите можни процедури, легитимни, легални во однос на изразувањето на ставот кон предлог-законот и со тоа фактички Комисијата се уште не е отворена да работи. Се подготвуваат и амандманите, мислам дека е при крај и нивниот превод. Во секој случај, доколку се отвори дебата тоа ќе биде работа на самата Комисија, дали ќе успее да заврши или не тоа зависи од дебатата на Комисијата.

Дали промената на изборниот модел без разлика на дебатата во изминатиот период ќе остане прашање што треба да го реши следен парламентарен состав?

Во секој случај, кажавме промена на изборен модел не може да оди на два –три месеци пред изборите. Дебатата и за аргументите и контра аргументите не е соодветно време во контекст на предизборниот процес да се одвива. Според мене, тоа бара помирна атмосфера за дебата за да може да се усогласат ставовите. Тоа би требало да биде почетокот на мандатот, да се аргументираат сите апсекти и сите гледишта за да имаат време сите да ги направат сите анализи за да можат на крај да се усогласат. Дали со тоа ќе се бави идниот состав или не тоа останува да се види по изборите. Во секој случај тоа е работа што треба да се доврши.

Во последните месеци во јавноста беа изнесени различни ставови помеѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ за одредени прашања. Каква е вашата оценка за стабилноста на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ?

Од моја перспектива тоа е нормално. Тоа се засебни два субјекта кои функционираат во коалицијата и нормално е да се очекува и да се има и работи за кои не до крај се согласуваат партнерите иако се во коалицијата, но како тоа се одразува е друга работа. Сега за сега без разлика на сите различни ставови што се искажани, она што доаѓа од Влада доаѓа усогласено, доаѓаат како заеднички предлог од Владата и во тој контекст нема сигнали од едниот или од другиот во Собранието преку пратениците би требало да се попречи ова или тоа. Ако веќе се има дебата мислам дека за демократијата е здраво да се има таква дебата и внатре во коалицијата затоа што тоа ги зацврстува и институциите. И во тој контекст можеби некој од друга перспектива ја гледа како нешто негативно, како нешто што не би требало но таму нема општа послушност по однос на одлуките. Влада, коалиција која и покрај разликите мора да изнајде да се издигне над себе.

Ова беше година на тешки одлуки за пратениците, почна со гласањето за уставните измени согласно договорот со Преспа, потоа следуваа промени во составот на пратеничките групи, имаше блокади на закони, преговори на работни групи, блокади на именување на раководни позиции… Од ваша перспектива каква беше работата на Собранието годинава?

Не само оваа година, и претходните година и половина односно две, Собранието работеше под специфични услови. Од онаа ситуација 2017 па надминувањето на таа ситуација, воспоставувањето на комуникација меѓу сите пратеници, воопшто генерално како мандат е еден од потешките, ако не и најтежок мандат во кој што се одвиваа многу работи којшто сигурно ќе остават историски белег во работата на Собранието, во смисла на она што го начнавте и вие, доста тешки одлуки кои требаше да се реализираат и мислам дека со трпелива работа успеавме да ги надминеме, да ги слушаме сите разлики. По однос на дебатата, дадовме соодветно време на сите кои што требаа да учествуваат во таа дебата, соодветно мислам дека се земаа предвид поголемиот дел од укажувањата и од спротивните ставови и со тоа фактички успеавме да го заокружиме носењето на битните одлуки и проекти кои беа пред нас. Секако останува времето како што ќе одминува да даде соодветен суд за сето што е сработено. Во овој момент перцепцијата е дека сме ги сработиле сите оние обврски кои беа пред нас. Впрочем и самата констатација во однос на оценувањето на прогресот за пристапување на напредокот на државата во интегративниот процес, оценка која ја добиваме од Европската комисија секоја година, таа оценка за Собранието е, ако може ученички или наставнички да се каже, одлична. Тоа може да се види и од Извештајот. Тоа е она што ни потврдува дека сме биле соодветно ангажирани на ниво на одговорност на задачите, без оглед што индивидуално можеби имало место и да се критикуваат дел од пратениците и тоа е добро да се каже за да може да се обезбеди функционалноста на институцијата. Во тој контекст, морам да кажам дека во позитивна смисла, во придонесот за функционалноста на Собранието има и учеството на опозицијата во работата на Собранието, во обезбедување услови за работа на Собранието во смисла на кворумот во ситуации кога било потребно така што како нешто позитивно мора и чувствувам одговорност тоа и јавно да го кажам, но како појава, како настан, како активност што се одвива во Собранието би требало да се истакне како позитивно, за да биде поттик за новите состави без оглед на разликите што ги имаат во однос на нештата. Сепак треба да си најдат сили меѓу себе да се координираат, да соработуваат, а се тоа со цел функционалноста и стабилноста на институцијата како Парламент, а не во смисла на она што е тесно партискиот интерес изразен во политичките партии.

Предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 12 април. Доколку биде се како што веќе е договорено, кога би ги очекувале предлозите за техничка Влада и кога би се гласало за неа?

Како што кажавте 12 април е датум којшто го усогласиле политичките партии од причина што според измените во Законот за Влада по Пржинскиот договор од 2016 година па наваму, сто дена пред изборите треба да се има техничка влада или преодна влада за организација и спроведување на изборите за да можат истите да бидат прифатени после на крај од сите учесници на изборите. Според тие рокови најдоцна на 3 јануари треба да е избрана техничката Влада и да стапи во функција техничката влада, 12 февруари е датум кога би требало да се самораспушти Собранието за да можам да распишам избори и да го определам датумот 12 април и за да можат другите институции да ги завршат своите активности по роковите кои што ги предвидува Изборниот законик. Формално бидејќи тоа е работа која што е прифатена од сите, не е спорно тоа да се случи на самиот ден 3 јануари, за да може во текот на денот да се спроведуваат сите постапки во однос на седниците кои треба да се одржат тој ден затоа што процедурите соодветно предвидуваат оставка на премиерот, констатирање на оставката на премиерот, известување до претседателот дека Владата е во оставка, според законот за Влада треба да се определи нов мандатар, да добие мандат, па тој мандатар да даде предлог за министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, за тројцата заменици министри во МВР, во труд и во земјоделие, за да може да се свика седница за нивен избор и со тоа фактички до 24 часот на 3 јануари да се заокружи таа седница и од 4 јануари веќе да функционира техничка влада. Тоа не е спорно да се заврши и во еден ден доколку дојдеме во таква ситуација бидејќи тоа е усогласена работа и не би се очекувала некоја посебна дебата во Собранието затоа што веќе сите учесници се усогласени да одат на избори.

Имајќи ја предвид ратификацијата на протоколот за НАТО дали би можело да се случи Парламентот да биде свикан за да гласа за него откако ќе биде распуштен?

Очекувањата се дека во Шпанија ќе има влада до крајот на месецот. Информациите се дека би дошло до ратификација до крајот на јануари таму и ние очекуваме и посакуваме тоа да се случи пред распуштање на Собранието и таа обврска да ја завршиме. Во однос на можноста да се свика Собранието по распуштањето јас веќе го кажав ставот мој и стојам на тој став. Распуштен Парламент не може да се собира повторно затоа што чинот на самораспуштање е одлука на избраните мандатот да си вратат на граѓаните, и од граѓаните на избори да побараат нов мандат. И од овој аспект сметам дека е невозможно да се свика повторно распуштен парламент. Пратениците индивидуално да имаат мандат до изборот на новиот мандат, но распуштеното Собрание не може да се свика. Споредбено ја затворате фабриката, ја изнесувате целата апаратура, ги распуштате работниците и ги викате без апаратура да работат. Можат да работат? Не можат. Мандат имаат како пратеници но немаат легимитет како да се вратат да одлучуваат од име на граѓаните на кои им го вратиле мандатот. Во полза на ова што го кажувам оди и ставот на повеќето од академската фела. Аргументот што некои го користи во смисла ако има нешто итност. Уставот затоа предвидува надлежности на други институции во такви ситуации. Ако доаѓа во прашање одбрана на државата, вонредни состојби, поголеми елементарни непогоди, од поголеми размери мора Собранието да се изјасни по однос на одлуката, тогаш тие надлежности за тоа време ги има претседателот на државата додека не се створат услови да се состави мандатот затоа што таквите услови ги предвидува Уставот.  Таквата одлука на претседателот се става на потврдување или отфрлање. Во таа ситуација нема празнина во функционирањето на институциите и во потребата за одлуки. И од таа логика не би било соодветно и би била лоша пракса да се воспостави по распуштањето да се свика Собранието.

Вие сте претседател на Собранието, но ваша матична партија е Демократската унија за интеграција. Какви се вашите очекувања од претстојните предвремени парламентарни избори?

Јас сум претседател на Собранието, но во изборната кампања за парламентарните избори неспорно е учеството и активноста, затоа што Собранието веќе е распуштено и во тој контекст сите анализи што се прават се позитивни, но на крајот на краиштата се очекува волјата на граѓаните на самиот ден на избори. Главно партиските органи ги вршат своите активности, подготовки за учество во изборниот процес. Во секој случај е право и слобода на граѓанинот е да се изјасни во однос на она што ќе биде понуда за изборите и во кампањата а очекувањата врз база на анкетите што се направени се соодветно оценети и не се лоши, ако може така да се каже.

Како ДУИ ќе се обиде да ги привлече неопределените граѓани од една страна и да привлече поголем број гласови имајќи ја предвид и бројноста на партиите на албанците на политичката сцена?

По однос на гласачите, тоа е работа на изборната програма, на она што ќе биде понудено. Партиските органи ги имаат направено сите подготовки и соодветно ќе излезат со понудата. Она што ќе биде понудено тоа ќе биде потстрек за да се активираат делот од неопределените. Во однос на поделеноста на субјектите, очигледно е искуството од претходните избори дека поради таа поделеност се изгубени неколку мандати и пред тоа, потоа и сега, ставот на лидерот и на органите на партијата е ако може фигуративно да се каже, две партии се многу, а една е премалку. И во тој контекст е пораката дека тие што се организирани во помали партии да се здружат ако не во едно барем во две групи за да можат да ги соберат на едно место гласовите за да не се поделени. Тоа искуство веќе постои, се знае. Она што го гледате од активностите на политичките партии има разговори, преговори кој со кого може да се најде на заедничка маса, со заедничка програма да се излезе пред граѓаните и со тоа фактички да се постигне можноста што повеќе гласови да се соберат на соодветно место, а не да се поделат. Но во секој случај секој си има право да работи онака како што мисли дека е најдобро. Во тој контекст, не би коментирал повеќе во однос на ова прашање.

Како ДУИ очекувате поголем број пратеници и дали ќе прифатите уште еден мандат претседател на Собрание?

Очекувањата се сходно на она што се и показателите во однос на јавното мислење. Секако дека од ниедна од обврските и од задачите не сум избегнувал и не би избегнувал. Партиските органи ќе ги состават изборните листи и во тој контекст се зависи од статусот по изборите. Вообичаено, работа не сум бирал. Од она што ми било доверено досега, а сум прифатил, тогаш сум се посветил целосно на тоа да ги исполнувам очекувањата и на граѓаните и на субјектот кој ме номинирал на тие задачи. Вие знаете дека претходно пред да бидам претседател на Собранието, сум бил министер, сум бил координатор на пратеничка група…Тоа се специфични обврски кои сум ги прифатил и соодветно, посветено сум се бавел со тие обврски и имајќи предвид дека во континуитет сум бил дел од изборните активности и дел од листите е показател дека тоа е оценето и од граѓаните и од органите на партијата, но во секој случај јас не бегам од обврски, не бегам од одговорноста, она што ќе ми биде поверено соодветно ќе биде и исполнето и сработено.

Дали повторно би коалицирале со СДСМ доколку има можност за формирање Влада и дали би прифатиле коалиција со сега опозициската ВМРО – ДПМНЕ?

Тоа веќе не е работа на она што би сакале поединечно субјектите. Тоа е волја на граѓаните. Онака како што ќе одлучат граѓаните така ќе бидат позиционирани и субјектите кои ќе бидат избрани. Ние од формирањето па наваму сме кажале дека ние стратешки партнер во смисла на политичкиот живот овде немаме ни во едниот ни во другиот блок. Тоа е волја на граѓаните изразена во мандати кои се добиваат и во тој контекст доколку се „најдат“ изборните програми за да можат тие да се спроведат, изричото не е кажано со овој да, со овој не. Но, тоа коалицирањето не е едностран акт. Мора да се има разговори. Секако процедурите се такви што по изборите тој што има поголем број мандати е носител на мандатот, мандатар и во тие 20 дена преговори доколку се најдат ставовите во ред, доколку не нема да има коалицирање, како што беше случајот, но тоа е работа која зависи од односот на сите кои учествуваат во тој процес. (МИА)