Џафери: Според Протоколот, пратеници кои се во домашна изолација имаат право да гласаат во посебни услови

Да не мислите дека своеглаво јас сум донел одлука за собраниската седница, милион консултации направив, никој не бил загрозен и никој со никого немал контакт. И нема да се раководам ниту со условувања, ниту со уцени, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието кој на денешната прес конференција објасни врз која основа, како што рече, ги повикал двајцата пратеници позитивни на ковид-19 да бидат присутни на собраниската седница, откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе кривична пријава и ќе бара одговорност поради прекршување на членови од Кривичниот законик кои се однесуваат на ширење на заразни болести.

Џафери се повика на дополнување на Протоколот за спроведување на мерките со ковид-19 од ноември минатата година прифатен од државната надлежна комисија и рече дека се консултирал со многу лица пред да ја донесе оваа одлука за одржување на седниците и дека двајцата пратеници немале контакт со ниту едно лице во зградата на парламентот.  

– Обврска на секој пратеник без оглед на неговата определба е да биде присутен во работата на Собранието и да учествува и во расправа и во одлучувањето. Така е пропишано во членот 29 од Деловникот, јас знам дека граѓаните не ги тангира членот 29, но стручњаците знаат дека со тој член се определува правото и обврската на пратениците. Јас сум должен да создадам услови за работата на пратениците. Пратениците имаат право да дојдат и да гласаат во посебни услови утврдени со протокол, кој е донесен во јули 2020 година, кога јас бев во болница. Кој е тој инает што го водам јас- рече Џафери и објасни дека седницата се одржувала според здравствените протоколи.

Тој тврди дека реакциите на опозицијата дека е спремна да учествува на собраниската седница се случиле откако тој обезбедил кворум со свикување да дојдат и двајцата позитивни пратеници.

– Не сум јас од тие што работат како што ми текнува, туку како што налага протоколот. Јас не сум ниту судија, ниту обвинител, јас работам по протокол, цела држава работи според протоколот. Граѓаните ги избрале праениците, да работат во нивна полза, пратеникот не може да се попречи ни во воената состојба Ни во воена состојба пратениците не се ограничени во движењето. Нивен личен став е дали ќе дојдат на седница. Јас не можам да му наредам на пратеник да не дојде на седница – додаде претседателот на Собранието.

Според Протоколот за спроведување гласање за пратеници кои се наоѓаат во домашна изолација, тие имаат право да дојдат и да гласаат во посебни услови тврди Џафери.

– Како дојде Арбен Зибери да гласа за избор на Владата? Па според истиот протокол кој се применува повеќе од осум месеци – додаде  претседателот на Собранието Талат Џафери.

Тој објасни дека на 17 ноември 2020 до државната Комисија, односно до Министерството за здравство, поднесол предлог за дополна на Проколот, за да се размисли стручно како лицата што се изолирани поради контакт со позитивно лице, а не се згрижени во здравсвени институции, туку се лекуваат дома, доколку здравствената состојба им дозволува да можат по посебен протокол да доаѓаат во Собранието.

– Добив одговор на 18 ноември со кој што се дополнува претходниот протокол и ги опишува условите под кои треба да се внесат пратениците во Собранието, во посебни простории и дека куполата може тоа да го овозможи и тоа е спроведдено – рече Џафери.

Според него, дополнувањето на протоколот е претставен на координаторите на пратеничките групи на 23 ноември, но во тоа време координаторите на пратеничките групи од опозоцијата поради измената на Деловникот што го пуштил Џафери за одржување онлајн седници не учествувале на средбата. Тој имал дополнителна средба со нив и ги известил за дополнувањето на протоколот.  

– Но ценам дека не треба да се доведеме во ситуација. Досега водам преговори да не се доведам во ситуација да се условува кворумот во ситуација кога знаете дека колегите ви се болни, ниту е етички ниту е морално – рече претседателот на парламентот.