Аферите препознатлив белег на власта на Заев, инвестиции – што беше тоа?!

Четири години власта предводена од СДСМ помина во самопронаоѓање, талкање де ваму де таму, а од конкретните работи што ги направи се промената на името на државата, произведе мноштво афери, ја свиткаа „кичмата“ пред Бугарија, не набавија навреме вакцини за справување со пандемијата на коронавирусот итн…

Посветли моменти на нивното владеење се олабавувањето на атмосферата во општеството, но и испуштање од рака на фискализацијата која беше на високо ниво, а тоа подразбира и помала даночна дисциплина. Токму на оваа тема има повеќе промашувања кои самите ги признаа, како со персоналниот данок.

Нешто конкретно што направија е експресниот пат Штип-Кочани, само првата делница од Штип до Крупиште, ги довршија работите што ги започна владата на ВМРО-ДПМНЕ и беа во завршна фаза автопатот Штип-Скопје и автопатот Смоквица-Демир Капија-Гевгелија. Се работи на експресниот пат Радовиш-Штип, автопатот Кичево-Охрид тапка во место, а до Качаник, односно Косово ќе почекаме, како што ќе чекаме и на патното и железничкото поврзување со Бугарија. Нема ништо и од преадаптирање на железничкиот сообраќај за брзи возови од границата со Србија до границата со Грција.

Од странските инвестиции најдоминантни се кредитите, односно задолжувањата. Ако не беа капацитетите на странските инвеститори од времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во екот на пандемијата ќе банкротираме како држава. Од друга страна, се молчи за притисокот врз овие компании да не се зголемуваат платите, а индиректно ќе кажува и до крај да не се почитуваат работничките права, односно да не се наплаќа прекувремениот труд, празници, втора и трета смена, да не се дава одмор по пропис. Поради ваквото однесување многу работници во кризата ги променија работните места и немаат намера да се враќаат кај старите работодавци.

Од енергетските капацитети напредуваат само желбите.

Во последните две години власта беше препознатлива по многуте афери, а главен ороводец беше поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, со набавката на опрема за М-Нав, па изработка на софтвер за потребите на МВР, кој воопшто не е употребен. Преку италијанскиот весник „Ла Верита“ се отвори афера за сомнителна постапка при набавка на кинеските вакцини во кои е инволвиран министерот за здравство Венко Филипче.

Партнерот на министерката за образование Мила Царовска, Горан Георгиевски, односно фирмата Фајм кам, добива тендер од Град Скопје во вредност од еден милион денари односно 16 илјади евра за снимање на зелени површини за рана детекција на растителни болести.

Пукна аферата дека на 7 професори на Тетовскиот универзитет трудовите им се плагијати.

Контроверзниот црногорски бизнисмен Дака „влезе“ во ШИК „Јелак“ Тетово. Оваа афера, како што обвинуваше опозицијата, тврдеше дека вреди 200 милиони евра. Во неа повторно е инволвиран Рашковски.

Понатаму следи аферата на поранешниот директор Фондот за здравство, Ден Дончев, а опозицијата го споменуваше како активен учесник во аферата која ја нарече „Рекет 2“.

Станува збор за случајот „Диамед“. Според ВМРО-ДПМНЕ и поранешната сопственичка на „Диамед“, Дончев заедно со министерот за здравство Венко Филипче се обидел да ја попречи продажбата на оваа компанија на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.

Секако Рекет 1 имаше поголем замав, бидејќи беа замешани повеќе функционери на СДСМ, а во прв план беше Бојан Јовановски – Боки 13. Со оваа афера се „собираа“ пари од бизнисмени за изградба на старечки домови од страна на невладината „Меѓународен сојуз“. Откако бизнисменот се согласи да им плати за услуга и ги сними, аферата зема замав во обелоденувањето кој се е вклучен во неа. На површина испливаа имињата на Фросина Ременски, Коста Костадинов, Заев и други, но без конкретна завршница за некој од нив.

Во оваа афера падна шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, а СЈО заврши неславно – беше расформирано.

Игор Спасов, убиецот на Мартин Нешкоски, излезе од затвор и избега. Фирми блиски на Заеви добиваат лиценци за извоз на марихуана. Фантомски исчезнување на камионите со марихуана од Гевгелија, кои потоа завршија во Арачиново, а и според некои други случаи, се поизвесно е дека дела оваа трева се продава на црно со благослов на моќници.

Зоран и Вице Заеви купувале гласови за избори?! Заев се заканува на бизнисмени пред гласање. Се гласаше за 3 секунди. Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, тепа граѓани.

Афера која ја изненади целата светска јавност е давањето пасоши на белосветски криминалци, нарко-босови, убијци… Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на петти април ја објави аферата според која легални пасоши со украдени или лажни идентитети добиле над 200 криминалци. Еден ден подоцна пак МВР спроведе акција „Двојник“ во која осомничи 10, а уапси 9 службеници на МВР под сомнение дека ги издавале документите. Седат Пекер, Стефан Џукиќ, Радоје Звицер… се само дел од имињата кои добиле македонски пасоши.

Засега, во низата афери последна е онаа со РЕК Битола, кој опфаќа изнуда-рекет на средства од компанијата Рубитон Битола која е добитник на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола, како што обелодени опозицискиот лидер Мицкоски. Веднаш до нејзе е онаа со изградбата на клинички центар, за кој опозицијата обвинува дека во Србија е направен за 125 милиона евра, а кај нас тре ба да чини 400 милиони повеќе.

Случајот излегува по пат на јавно признание и сведочење на сопствениците на компанијата. Таа по регуларен пат добива тендер, по што Васко Ковачевски, директор на РЕК, го контактира сопственикот на компанијата добитник, го принудува да се откаже од тендерот и истиот кој веќе го има добиено Рубитон, да го предаде на компанијата СВ Инвест на Столе Чифлигароски.

Сопственикот на Рубитон вели дека нема правна можност за тоа, по што Ковачевски организира средба со Вице Заев во Струмица, во хотел Парк, но средбата се откажува, а Вице Заев ги контактира сопствениците на компанијата и им вели дека ќе го испрати Горан Крстев од Тотал инженеринг, инаку амнестиран со Зоран Заев за „Глобал“, за да ја договорат работата. Побарувањата биле Рубитон да ја сработи работата, а 250.000 евра да му припаднат на Вице Заев како кеш, а таа сума била многу поголема од можната заработка.

Може да се каже дека Владата ги сруши стандардите во политиката, ненормалното стана нормално.

Ваквото однесување на става на дното на рангирањата. Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на „Транспаренси интернешнл“ заедно со БиХ, Монголија и Панама, што е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата.

На сето ова само ќе додадеме дека Македонија најлошо се справуваше со пандемијата на Ковид-19 која одзеде над 5.400 човечки животи.