Африка обезбедува речиси 300 милиони дози од вакцините против коронавирусот

Африканската унија обезбеди речиси 300 милиони вакцини против Ковид-19 во најголемиот досега договор за Африка, изјави денеска Никс Ндеми, Виш научен советник на Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), во интервју за американските медиуми. Тој додаде дека овие добри вести се очекува да ги соопшти актуелниот претседател на Африканската унија, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса.

-Овие 300 милиони дози се набавени независно од глобалната иницијатива Ковакс за дистрибуција на вакцини против Ковид-19 во посиромашните земји, рече Ндемби.

Тој кажа дека Африка преку иницијативата Ковакс очекува 600 милиони дози , но дека се уште чекаат да добијат детали за начинот и времето на дистрибуцијата.

Веста доаѓа во време кога инфекцијата со коронавирусот повторно се појавува во делови на Африка, особено во Јужна Африка, каде што се појави нов вид, што брзо се шири и претставува поголем дел од новите случаи на инфекција.

За време на викендот „Црниот континент“ веќе надмина три милиони регистрирани случаи на инфекција од почетокот на пандемијата, од кои над 1,2 милиони се во Јужна Африка.

-Планираме овие вакцини да ги имаме до крајот на првиот квартал од годината, рече Ндемби.

Овие 300 милиони дози ќе бидат распределени преку континенталната платформа во Африканската унија, основана минатата година, преку која 54 африкански земји беа во можност да ги обединат своите средства за набавка на големо на потребниот материјал за пандемијата.

Ндемби објасни дека африканските власти разговарале со најмалку 10 производители на вакцини, бидејќи континентот има намера да вакцинира 60 проценти од популацијата од 1,3 милијарди луѓе.