Африканската џез легенда Ману Дибанго првата жртва на коронавирусот меѓу славните

Ману Дибанго, саксофонист од Камерун и легенда на афроџезот, почина на возраст од 86 години од последици на болеста Covid-19, објави во вторникот неговиот менаџер.

Автор на еден од најголемите хитови „Soul Makossa“ снимен во 1972 година, Дибанго е првата светска ѕвезда која му подлегна на коронавирусот.

„Почина рано утрото во болница во парискиот регион“, изјавил менаџерот Тиери Дурепер, пренесе агенцијата AFP.

Роден во Камерун, Дибанго во Франција се преселува во раните 1950-ти години за да студира џез и саксофон во Рем каде почнува да свири во ноќните клубови, се наведува во неговата биографија.

„Погребот поради пандемијата ќе биде во многу тесен круг на семејството, а комеморацијата ќе се одржи штом тоа ќе биде можно“, се наведува на страницата на Facebook на оваа џез легенда.

„Саксот е секси. Свирам и други инструменти, но подобро се изразувам преку саксофонот“, изјави Дибанго минатата година за програмата Basique. Тој истовремено свиреше и на клавир, оргули и вибрафон.

Нумерата со којашто се прослави „Soul Makossа“ имаше необичен пат. Снимена е на „Б“ страната на грамофонската плоча со 45 вртежи, бидејќи „А“ страната била резервирана за химната на фудбалската репрезентација на Камерун за тогашното издание на Африканскиот куп на нациите. Композицијата на Дибанго ја откриваат њујоршки диџеи и потоа таа го освои светот во илјадници верзии.

Ману Дибанго ги тужеше продуцентите на поп-иконата Мајкл Џексон за плагијат, бидејќи во неговиот хит „Wanna Be Startin’ Somethin’“ е користен ритамот од „Mamase, mamasa, makossa“, но спорот беше решен на суд со финсиска спогодба.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.