Агатангел: Сулејман Реџепи е црниот ангел на поделбите

Верскиот лидер треба да биде совест на државата, носечки столб на моралноста и основа и темел на мирот, љубовта и толеранцијата. Ефенди Сулејман очигледно ја промашил професијата, па заседнал на едно благородно место, кое воопшто не одговара на погледот на светот на еден Верски поглавар.

Човекот од верата не повредува и понижува никого па колку и да е поразличен од него. Ако пак решил да постапува спротивно, чесно би било да ги напушти своите верски доктрини и обележја, па нека се стопи со светот и со сите негови карикирани и патолошки лудости, напиша митрополитот Повардарски Агатангел (Станковски) на фејсбук страната на Повардарската епархија.

– Ве молам да ми простите, бидејќи, како Митрополит на Светата Македонска православна црква, не можам да премолчам за ова неправда!- напиша во реакцијата.

Ја пренесуваме во целост неговата реакција
Господинот Сулејман Реџепи воопшто не наликува на верник кој преку своите верски принципи и морални норми и правила најпрво ги победува своите слабости и страсти, а потоа и со многу љубов и разбирање го прегрнува целото создание и сè што дише на овој свет. Тој многу повеќе личи на плиток и недоделкан човек, исполнет со огромни предрасуди за поразличниот од себе, па затоа, речиси во сите негови изјави и јавни настапи, го засрамува секој чесен и искрен муслиман во нашата татковина Македонија. Господин Реџепи е гласноговорник и хушкач на национална и верска нетрпеливост и во исто време е предан заштитник на погубниот тероризам и насилие. Тој е типичен претставник на неморалноста, летаргијата, контрадикторноста и лудилото, кои со години однатре го нагризуваат и разнебитуваат нашево општество и ја шират одвратната реа на пеколната запустеност. Сулејман Реџепи е црниот ангел на поделбите, па со своите изјави ги нахранува екстремистите на кои единствена светиња им се крвопролевањата насекаде во белиот свет. Затоа, ставовите на овој залутан човек во верата се семе на раздорите, кое едвај чека да биде полеано од „дивите“ по душа, од кое пак подоцна, неминовно и неконтролирано ќе никне разгранетото дрво на омразата, која бездруго е опасна по живот.

Изјавата на г. Сулејман Реџепи не ги повредува чувствата само на христијаните, туку и на муслиманите, бидејќи огромен дел од ИВЗ се токму Македонците муслимани. И тие ли диви и без идентитет? За жал, македонското општество, кое се стремиме да го изградиме како мултикултурно, со децении толерира вакви полулуѓе, чии дела и постапки сведочат за основната невоспитаност на овие недоветни провокатори, чија нечовечност во однесувањето е многу далеку над границите на пристојноста. Затоа, доколку сакаме да бидеме нормално општество, мораме час поскоро да ги пресретнеме ваквите одвратни однесувања, а мораме и да создадеме делотворен механизам за превенција, како воопшто не би дошло до нивна несакана појава. Господин Сулејман е рак – рана на општеството и затоа соодветно, како што и му доликува, треба да биде препознаен и третиран како заразено ткиво кое се заканува да го оболи целото тело.

Верскиот лидер треба да биде совест на државата, носечки столб на моралноста и основа и темел на мирот, љубовта и толеранцијата. Ефенди Сулејман очигледно ја промашил професијата, па заседнал на едно благородно место, кое воопшто не одговара на погледот на светот на еден Верски поглавар. Ако вака јавно ја покажува својата нецивилизираност, можеме само да си замислиме какви ли сѐ не гадости промовира и проповеда зад затворени врати? Опасен човек е ефенди Сулејман Реџепи, неговото однесување е налик на разорна бомба во рацете на безумниот. На денешните генерации, од сите значајни фактори во државата им треба огромна поддршка и правилно раководење. Верските лидери, пак, треба високо да се издигнат над секоја приземна предрасуда која внесува немир во човековата душа. Човекот од верата не повредува и понижува никого па колку и да е поразличен од него. Ако пак решил да постапува спротивно, чесно би било да ги напушти своите верски доктрини и обележја, па нека се стопи со светот и со сите негови карикирани и патолошки лудости. Показател на тоа колку му е грижа на г. Реџепи за правдата и вистината е фактот дека тој, како Верски Поглавар на една голема и значајна Верска заедница, воопшто не реагираше, кога мрачните сили на овој свет, вршеа континуирано насилие врз македонскиот народ за да го промени своето вековно и исконско име. Впрочем, сите имавме некое чувство дека тој не само што ја поддржува оваа неправда, туку и оставаше впечаток дека се наситува од несреќата на слабиот и незаштитен македонски народ, кој во значаен дел припаѓа на ИВЗ со која тој раководи.

Господин Сулејман Реџепи е тргнат на патот на омразата, а таа одвратна и примитивна нарав, најпрво беспомошно го разјадува човекот однатре, а потоа и духовно ги уништува и оние кои се напиваат од нејзините отровни и горчливи сокови.

Митрополит Повардарски
†Агатангел (Станковски)