Агелер: Корупцијата е најголем предизвик за Македонија, а состојбата во судството е разочарувачка

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер вели дека корупцијата е очигледно е најголем предизвик за Македонија. Тоа, според неа, не е само нејзин став, туку и став на граѓаните на земјата.

-Моето мислење е рефлексија на тоа што го слушаме од луѓето, она што знам дека и вие го слушате од вашите сограѓани, а тоа е дека корупцијата е очигледно најголем предизвик со кој соочува земјата. И особено откако се движи кон ЕУ, како што се движи кон полноправна членка на европското семејство за да ги спроведе тие реформи и да се отвори за инвестиции какви што јас мислам дека треба да има и види, да се отвори за странски туризам, за целосна интеграција во европската заедница, јас верувам дека тоа ќе бара сериозно адресирање проблемот со корупцијата, рече амбасадорката на САД во гостувањето на Сител.

Според Агелер, корупција не е само поткуп, туку се јавува во многу форми.

-Како што патувам низ земјава и зборувам со обичните луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога бараат работа, секогаш кога детето им аплицира за одредено училиште. Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и затоа толку многу млади луѓе не сакаат да останат тука. Што толку млади Македонци од било која заедница ја бараат првата прилика која можат за да обезбедат работа или живот во друга земја. И тоа е огромна загуба, рече Агелер.

Во интервјуто американската амбасадорка се осврна и на состојбата во судството за која рече дека e длабоко разочарувачка.

„Дури и во ова време во кое што сум тука, а денеска се навршува еден месец видов работи кои се збунувачки, проблематични и, како што кажав, тоа е огромно разочарување. Ние говориме за декади од инвестиции. Говориме за милиони и милиони долари, платени од даночните обврзници на САД, за да се инвестира во судството на оваа земја. Во овој момент фер е да се каже дека сме обучиле, во една или друга форма, многу над мнозинството во правосудниот систем во оваа земја. И затоа верувам дека како поврат на таа инвестиција ние, но уште поважно граѓаните на оваа земја, заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција. Заслужуваат да видат судство што работи за нив, кое им покажува дека тие можат да добијат правда. Дека правдата им е достапна. И тоа би било оддолжувањето кое ние како САД и како Амбасада и во Вашингтон го очекуваме. Едноставно, да знаеме дека луѓето во оваа земја можат да гледаат во своите судии, обвинители, истражители и да знаат дека ќе добијат еднаква правда за сите. Тоа би било супер“, рече таа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.