Агенциите на ОН побараа рекордни 4,4 милијарди долари помош за Авганистан

Агенциите на ОН денеска од донаторите побараа 4,4 милијарди долари хуманитарна помош за Авганистан во 2022 година, нарекувајќи ги овие средства нужно решение за обезбедување на иднината на земјата по периодот на превирања, обележан со преземањето на власта од страна на талибанците и ненадејното заминување на американските сили од земјата.

Обединетите нации наведуваат дека барањето за помош, кое изнесува речиси четвртина од БДП-то на земјата, е најголемото досега побарано за една земја и трипати поголемо од бројката што ја добија во 2021 година, кога падна владата поддржана од САД.

-Ова е апсолутно неопходна мерка што денеска ја ставаме пред меѓународната заедница, изјави шефот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс, пред новинарите во Женева.

„Без финансирање оваа земја нема да има иднина, мораме да го направиме тоа бидејќи во спротивно ќе има одлив на жители, ќе има страдања“, додаде тој.

Ненадејното повлекување на странската помош минатата година по победата на талибанците во август ја остави кревката економија на Авганистан на работ на колапс, со зголемените цени на храната и распространета глад.

Западните санкции против талибанците, исто така, го спречија снабдувањето со основните резерви на храна и лекови, иако тоа во меѓувреме беше олеснето откако Советот за безбедност на ОН и Вашингтон ги одобрија исклучоците во декември.

Грифитс, кој се сретна со претставници на талибанците, изјав и дека хуманитарниот план е „внимателно калибриран“, така што помошта ќе оди директно до луѓето на кои им е потребна, а не до властите.

Филипо Гранди, Високиот комесаријат на ОН за бегалци, изјави дека подобрената безбедност е можност за милиони раселени луѓе да се вратат во домовите поради долготрајниот конфликт, додавајќи дека 170.000 веќе се вратиле откако талибанците ја презеле власта.

-Конфликтот меѓу талибанците и претходната влада е завршен и тој отвори одреден безбедносен простор што мислам дека треба да го искористиме, рече Гранди.

„Но, за да го направиме тоа, ни требаат ресурси кои се дел од овој повик за помош“, додаде тој.