Агенција за разузнавање: Невистинити и дезинформации се исказите со кои се обвинува директорот Еролд Муслиу за судир на интереси

Агенцијата за разузнавање е изненадена и изразува жалење што политичката партија ВМРО-ДПМНЕ избра на ваков начин да комуницира со национална институција задолжена да работи на одбраната и безбедноста на државата и за општото добро на граѓаните.

Целосно невистинити и дезинформации се исказите со кои се обвинува директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу за судир на интереси поврзани со кадровски решенија во службата.

Сите нови решенија за унапредување се засноваат на професионалните капацитети и постигнатите резултати на вработените во Агенцијата.

Ги информираме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и јавноста дека во моментов не се случува никаква „политичка елиминација на целокупниот оперативен состав“. Агенцијата како посебен орган во државната управа не ја раковид партиски определно лице, туку искусен професионалец од редовите на Агенцијата со јасна определба да ги спроведе препораките на НАТО и ЕУ за заокружување на процесот на реформите во безбедносниот сектор.

Во врска со спомнатото лице и наводите на ВМРО-ДПМНЕ, Агенцијата за разузнавање пшотенцира дека се работи за професионалец кој има 18-годишно искуство во безбедносно-разузнавачкиот сектор и е истакнат експерт во меѓународни рамки. Во однос на ставовите дека ова лице изнесувало „инсајдерски“ информации од Агенцијата, ја охрабруваме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да ги достави до надлежните државни институции.

Истовремено, посочуваме дека политичките субјекти во Република Северна Македонија во своите дневни политички настапи треба да покажат одговорност, особено во овој период кога се враќа довербата на граѓаните во институциите согласно напредокот на интегративните процеси на нашата држава во НАТО и ЕУ.

Со цел да го зачува угледот на службата, Агенцијата за разузнавање ја повикува Државната комисија за спречување на корупција целосно да ги провери дезинформациите што подолг период се пласираат од извесни структури по социјалните медиуми, а денеска ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе на прес-конференција.

Во однос на клеветите на лична основа изнесени кон директорот Еролд Муслиу и неговот семејство, тие ќе реагираат во приватно својство.