Агенцијата за медиуми ќе покрене нова постапка против 1 ТВ

85

Агенцијатa за медиуми ќе покрене постапка против 1 ТВ откако беше обелоденето дека мајката на Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, добила државна функција како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации, објави Макфакс.

Јасминка Јовановска на оваа позиција беше назначена во петокот, со гласање на седница на Собранието. Медиумите пренесоа дека препораката за Јовановска дошла лично од Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието.

Според член 38 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми, „политички партии, државни органи, јавни претпријатија, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не можат да вршат радиодифузна дејност ниту да бидат основачи, соосновачи или да се здобиваат со учество во сопственоста на радиодифузерите“.

Во случајов, сопственик на 1ТВ телевизија, според податоците од Централниот регистар, е фирмата БМЈ Медиа груп, а директор е Јасна Мандиќ. Сопственици на БМЈ Медиа Груп се Јасна Мандиќ и таткото на Боки 13, Миле Јовановски. Во случајов, или Јовановски како сопруг на Јасминка Јовановска треба да се откаже од сопствеништвото во телевизијата или пак таа да се откаже од јавната функција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.