Исмаиловиќ обвинет во „Монструм“ избега од судницата, а полицијата не реагирала

Обвинителката Фатиме Фетаи денеска побара притвор за двајца од обвинетите во скучајот „Монструм“, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, бидејќи како што рече кривичната постапка е при крајот.

Но, наместо да бидат задржани во судот до одлука на Кривичниот совет, двајцата обвинети слободно си излегле, по што сега, според првичните неофицијалби информации, нема ниту трага, ниту глас од Агим Исмаиловиќ.

Како што дознава НетПрес, за време на денешното рочиште, околу 12,15 часот, Исмаиловиќ станал и излегол од судница без никој да го сопре. Се претпоставува дека тој потоа излегол и од судот. По него, според наши извори, е распишана потерница.

На 12 април 2012 година беа застрелани петмина скопјани додека ловеле риба крај Смилковското езеро крај Скопје. Убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани – Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите. Случајот „Монструм“ го презеде СЈО.

За судот до пред извесен периот недостапни беа Алил Демири и Агим Исмаиловиќ по кои беа распишани меѓународни потерници, а кои се криеја на Косово. Тамошните власти во октомври 2019 година ги приведоа двајцата осомничени.