Ахмети денеска и утре ќе дава исказ во Специјалното обвинителство за Косово

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска треба да се појави на сослушување во Специјалното обвинителство за Косово, а од неговата политичка партија тврдат дека тој е повикан како сведок.

„Претпочитам да не одговарам пред државни микрофони на партиски прашања, но еве кратко, тој е повикан во својство на сведок“,

одговори портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на прес-конференцијата која како министер за надворешни работи ја одржа со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Ахмети треба да биде испрашуван во врска со војната на Косово.

Од специјалното обвинителство за Телма, минатиот месец, кусо изјавија дека до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок и тоа правило важи и за Ахмети.

„Ние не кажуваме детали за што било во врска со нашата истрага. Информацијата која вие ја кажувате мислам дека доаѓа од самиот г-дин Ахмети. Ние немаме споделено никаква информација за секој што се појавил, во која било фаза или со кого било разговарано. Едноставно, ние не споделуваме информации за истрагата. Кога настаните и постапките ќе бидат јавни, тогаш ќе објавиме информации и за тоа. Но, ништо претходно не е за јавност“,

изјави за Телма во телефонски разговор Кристофер Бенет, портпарол на косовското специјално обвинителство.

Од кабинетот на Ахмети, минатата недела најавија дека Ахмети ќе одговара во Приштина. Но од  Кристофер Бенет, портпарол на косовското специјално обвинителство за Телма во Косово немаат седиште ниту претставништво, и дека судот и обвинителството се наоѓаат во Хаг, иако не ја исклучи можност изјава да се зема и на друго место.

„Ние немаме никакви канцеларии или објекти во Приштина или во Косово. Се е стационирано во Хаг во Холандија. Нашата истрага ќе се одвива на многу, различни места и тоа исто така е можно“,

изјави Бенет за Телма, одговарајќи на прашањето дали е можно Ахмети изјавата да ја даде во Приштина.

Ахмети пред изборите објави дека е поканет да сведочи затоа што бил дел од раководството на ОВК за време на војната со српските сили. Тој додаде дека ќе ги брани светлите цели на албанската ослободителна борба.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.