Aхмети до Нимиц: Постигнавме историски договор, но имаме уште работа за целосен успех

Дојде денот, драг Мет да ти речам бидна, се наведува меѓу другото во писмото што претседателот на ДУИ, Али Ахмети, му го испратил на долгогодишниот медијатор во спорот за името Метју Нимиц, а по  ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, соопштија во неделата од партијата.
Во писмото Ахмети пишува дека иако често не се среќавале не го изгубиле фокусот да се „тргне овој тежок камен од плеќите, јаже околу нашите вратови што не држеше во заложништво цели три децении“.
„Еве каде сме денес, победници. Можеби истрошени, но победници. Посветени низ годините и невремето, но драг мој пријателе, се заврши и оваа работа. Како што кажа и ти самиот, кога се постигнува компромис, ниту еден не излегува танцувајќи, но јас се чуствувам комотен со постигнатите резултати и сум уверен дека овој историски договор ќе ги постави темелите на взаемната доверба и добра волја и добро ќе им служи и на Скопје и на Атина на патот кон заедничката иднина“ пишува Ахмети.
Лидерот на ДУИ додава дека останува целта да се интегрира земјата во НАТО и во Европската унија.
„Ова е навистина вековно постигнување и огромен напредок, но имаме се уште работа пред нас за да го наречеме целосен успех. Тоа ќе го кажеме кога ќе се построиме рамо до рамо со нашите сојузници при големото евроамериканско семејство на НАТО.  Јас знам дека ти ќе бидеш со нас и во тој момент, и во тоа достигнување“ пишува Ахмети кој му се заблагодарува на Нимиц за подршката и посветеноста за конечно завршување на овој спор