Ахмети ги брани бизнисите на неговата семејство, сѐ обезбедиле со сопствената пот

Според челникот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, бизнисите на неговото семејство  за кои беа објавувани афери во медиумите и реагираа експертите, сѐ обезбедиле со сопствена пот.

Во гостувањето во емсијата „360 степени“ емитувано во понеделникот вечерта на МТВ, Ахмети нагласуваше дека немало ништо сомнително што една фирма прави обрт од  12 милиони евра за помалку од една година со чист профит од два ипол милиона евра за истиот период, што го остварила фирмата на неговиот зет за ќерка „К.С.А.“

„Јас не ги знам конкретните податоци. Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин“, рече Ахмети.

Сепак, сомнително е тоа што Ахмети во интервјуто изјави дека не знае за лицето Ерџан Сулкоски кој бил соосновач на фирмата на неговиот зет, но исто така е сосопственик на РКМ, заедно со Ратко Капушевски, која увезува мазут за ТЕЦ Неготино, која направила обрт од повеќе од стотина милиони евра во една година.

„ Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со… како се викаше, Ерџан Сулкоски. Првпат слушам од вас. Не сум го чул ни како име“, рече Ахмети

Инаку Ерџан Сулкоски излегол од фирмата „К.С.А. Интернешнл“, во која бил косопственик и коуправител со зетот на Али Ахмети пред помалку од еден месец, на 23-ти август 2023 година.

Ахмети ги бранеше и фирмите на неговиот сват Селаудин Арифи, „А.С. Сењак“ која редовно добива тендери особено во општините каде ДУИ има градоначалници како што е Кичево и годишно, исто така, прави обрти и профити од милиони евра, а притоа ги бранеше и бизнисите на неговиот син.

„Во однос на Селаудин, тоа е стара компанија, уште пред прогласувањето на независноста, од ’90-те години. Не знам зошто се поврзува ова со сватовско прашање. Син ми и ќерката на Селаудин создале врска, но сè уште не е официјализирана. Син ми е архитект, има своја канцеларија’, рече тој.

Според Ахмети, Шкумбин работел за швајцарска компанија и легално спечалил пари.

На прашање за изјавите на неговиот роднина Фатмир Лимани кој обелодени дека семејството Ахмети пред да влезат во разни бизниси и политика биле сиромашни, Ахмети се правдаше дека се спечалиле со пот.

„Не знам колку се мери богатството на семејството. Јас за семејството можам да кажам дека го обезбедило со своја пот“, изјави тој.