Ахмети одржа голем митинг во Чаир, ама не објавија кој е тој што доаѓа

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, вицепремиерот Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на Собранието Талат Џафери, миниистерот Арбр Адеми – сите вечерва беа заедно во преполната спортска сала „Шабан Трстена“ во Чаир во Скопје.

Митингот на приврзаниците на раководството на ДУИ во „базата“ на „огнениот“ Изет Меџити успеа, но јавноста сепак не доби одговор на прашањето кој е то што доаѓа, како што се вели во кампањата на оваа партија, односно кој ќе биде премиерот на Македонија во последните три месеци пред изборите.

Говореа Бујар Османи и Артан Груби, повикувајќи на обединување околу европскиот фронт. Ветија изградба на автопатот кон Косово и на коридорите 8 и 10, но и усвојување на законот за оддалечување на казината и обложувалниците на најмалку 500 метри од училиштата.

Али Ахмети повика на помирување и обединување, наспроти поделбите.

– Некои се лутат, но нема враќање назад. Ги почитувам одлуките на мнозинството од партиските тела, но не можам да излезам од патот трасиран со крв и вредности. Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз, туку незапирлив ураган – рече тој

Ахмети уште рече: „Јас сум горд на овој тим што ДУИ го има во владата. Сите дипломати ми велат дека образот на оваа држава се кадрите на ДУИ. Никогаш не треба да се излегува од одлуките на мнозинството, на органите на партијата. Сите треба да разберат дека денеска од нас се бараат експерти. Ние треба да ги поддржиме, да се надминеме себеси, Ако сме разделени, никој нема да има почит кон нас“.