Ахмети: Сега е време да се зајакнат позициите на Албанците во Македонија

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за КТВ, истакна дека сега е време Албанците сериозно да работат на зајакнување на нивните позиции во Македонија. Тој го повтори ставот дека на Албанците не им требаат повеќе од две политички партии во Македонија.

Ако сакаме да настапуваме едногласно треба да бидеме една политичка партија. Нагласувам за КТВ дека на Албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две политички партии. Постоењето на четири-пет партии ги прави Албанците безначајни. Тоа е на штета на Албанците, но ова се времиња на демократија и секакви движења си даваат на важност и се појавуваат на телевизиските екрани со различни тези. Се обидуваме да им дадеме јасна порака на сите Албанци во Македонија за нашата филозофија, за тоа како размислуваме за нашето организирање и како да се подобри статусот на Албанците. Се срамам кога се среќаваме со странски делегации, кога имаме седум или осум претставници, а Македонците имаат два, по еден од власта и опозицијата. Реков дека повеќе нема да одам на средби со оние кои немаат легитимитет да ги претставуваат Албанците. Треба да се консолидираме за Албанците да бидат важен елемент, заклучи Ахмети.