Ахмети смета дека сите како волци се организираат против ДУИ и бара оградување од бомбите

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на првото собрание пред партискиот конгрес, што се одржа во Сарај, во обраќањето зборуваше за пропагандата која сите на див начин и како волци ја организираат против неговата партија.

„Каде им се фактите, нека покажат еден аргумент од десетиците илјади прислушкувања дека некој од ДУИ ја има злоупотребено власта и довербата, дали овие луѓе мислат дека Албанците пасат трева и ќе нè казнат нас поради приватни разговори, тие може да имаат краткотраен ефект, но подоцна граѓаните ќе почнат да размислуваат“, истакна Ахмети.

Али Ахмети ги предупреди сите негови политички противници да се оградат од „бомбите“ што се споделуваат за ДУИ зашто нема да добијат ништо бидејќи се само сервис во рацете на политичката полиција со добро напишана антиалбанска агенда во Македонија и во регионот. Тој смета дека сите споделувачи се жртви на таа валкана игра во рацете на политичката полиција на УДБА и ОЗНА.

Тој вели дека му е жал порано рекол оти навистина не ги слуша тие прислушкувани семејни и приватни разговори, посочувајќи деканема семејни и приватни разговори од членовите на ВМРО и СДСМ, па се прашува дали само од ДУИ зборувале приватни разговори и каде се другите разговори?

Како лидер, прв ќе ги поздрави издржаните докази против функционери од неговата партија.

„Дали некој украл, нека ги дадат прислушкувањата, дали некој дал наредба за противзаконско дејствување, јас ќе ги поздравам прв од ДУИ ако ги даваат овие факти, но такви нема затоа што ние не сме избрани за да ја изневериме довербата на гласачите. Јас не велам дека нема и ѓаволи, ајде да ги пронајдеме, но не со празни зборови туку со одредени дејствија“, рече тој.

„Сите криминаци ги обединува една идеја, а тоа е криминалот, ајде да бидеме заедно против лошото и на овој фронт сме ги повикале сите граѓани на Македонија и партиите СДСМ и ВМРО, да бидеме на еден фронт и ние ќе им бидеме партнер во секое време во борбата против лошото, но не и во диверзивните, шпекулативните и задсценските дејствувања, ние тоа никогаш не сме го направиле и нема да го направиме“, побара Ахмети.

Понатму зборуваше и за тоа што ДУИ го направила за Албанците во земјава.

„Да застанеме и да направиме анализа кој направил најмногу за оваа земја, на сè што е направено, не само напишаното, но и документираното во сите области на дејствувањето, од националното знаме до унивезитетите, јазикот, културата, што се подигнаа на повисоко ниво“, истакна Ахмети.

Според него, ДУИ како движење има цврста историја затоа што е дел и продолжение од отпор пред освојувачите и оние кои сакаат да ги искоренат Албанците од оваа земја.

„Останува оваа обврска, ова богатство, дека народите и граѓаните со фанатизам ги чуваат изградените вредности. Ако на Ирците им ја чепнеш Шин Фејн или ИРА, која произлегува, како ДУИ од ОНА, ќе ти ги искорнат очите, затоа што се повредува историјата, вредноста. Но и ние треба со фанатизам и со голема посветеност да ги зачуваме и збогатиме овие вредности, но да не ги засрамиме ни нашите предци, ниту нашите соборци, затоа што човек од лакомост може да направи и погрешни потези, но ние секогаш треба да го имаме компасот затоа што потекнуваме од една организација и механизам што има пролеано крв и безбројни жртвувања“, истакна лидерот на ДУИ во неговото обраќање на Изборното собрание на ДУИ во Сарај.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.