Ахмети со ултиматум до Заев: Или поддршка за кандидатите на ДУИ, или предвремени парламентарни избори заедно со локалните!

Или поддршка од СДСМ за кандидатите на ДУИ во Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, Чаир уште во првиот изборен круг или со локалните ќе има и предвремени парламентарни избори затоа што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе ја растури владината коалиција. Ова Ахмети ќе го стави на маса пред владиниот партнер Зоран Заев на средбата која треба да се одржи неделава, вели за Плусинфо висок функционер од ДУИ, пишува Плусинфо.мк.

Заканата следи откако прво, помалиот влади партнер Беса, неофицијално излезе со ултиматум дека ќе ја напуштат Владата ако Заев уште во првиот изборен круг за тие општини го поддржи Ахмети и откако лидерот на СДСМ денеска најави дека сериозно е во игра во Тетово и уште неколку општини битни за Албанците, да номинираат свои кандидати за градоначалници.

Дали албанските партнери преку ултиматуми билдаат позиции пред дефинитивниот договор за настап на локалните избори или се сериозни во намерата да ја растурат Владата ќе биде појасно по средбата помеѓу Заев и Ахмети. Плусинфо веќе објави дека Заев, ќе биде на мака со албанските партнери за поддршката за локалните избори.

Од друга страна, висок функционер на СДСМ за Плусинфо вели дека се во тек разговори со академикот Абдулменаф Беџети и со бизнисменот Љуљзим Дестани за кандидат за градоначалник на Тетово номиниран од социјалдемократите. Во таков случај, коментарот на функционерот е за кого тетовци ќе гласаат за Теута Арифи од ДУИ, Билал Касами од Беса или за Беџети или евентуално Дестани.

Дека локалните избори ќе ги искомплицираат релациите на владините партнери е повеќе од јасно, неизвесно е што ќе пресечат Заев и Ахмети, односно дали битката за општинските шерифи ќе биде посилна од опстанокот на Владата.

– Ако нема поддршка од СДСМ уште во првиот круг од локалните избори, тогаш нема Влада. Не може Касами кој има три пратеници, а ДУИ – 15, тој да уценува дали СДСМ и ДУИ за тие општини ќе имаат предизборна коалиција. Беса ја нема тежината на ДУИ и тоа е некоректно. Ахмети, а не Заев е тој што решава – вели функционерот од ДУИ за Плусинфо.

Според него, ова Ахмети ќе го каже на средбата со Заев. Понудата на Ахмети ќе биде СДСМ да не номинира градоначалници за Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Чаир, Сарај, а ДУИ уште во првиот круг да ги поддржи кандидатите за градоначалници на СДСМ во Скопје, Куманово, Охрид, Ресен.

Од друга страна, од Беса за Плусинфо велат дека Касами на средбата со Заев побарал принципиелно однесување на владините партнери за локалните избори. Касами побарал Заев во првиот круг да не застане зад ниту еден кандидат од владините партнери ДУИ, Беса и ДПА. Владините партнери да го поддржат кандидатот од власта кој ќе влез во битка за градоначалник во вториот изборен круг.

– Барањето на Касами е Заев да не зазема страна во првиот изборен круг. Непринципиелно е да се има преференци кон еден од владините партнери. Во спротивно, тешко ќе биде Беса да објасни на гласачите и на членството што правиме уште во Влада – вели висок функционер од Беса.

Според информации на Плусинфо, слично или идентично било барањето и на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на средбата со Заев. Тачи побарал СДСМ да не оди во предизборна коалиција со ДУИ, во спротивно немаат шанси кандидатите на ДПА и на БЕСА. И лидерот на ДПА сметал дека сите кандидати треба самостојно да си ја испробаат шансата во првиот круг, а поддршка да следи во вториот изборен круг.

Премиерот Заев денеска изјави дека големи се шансите СДСМ во Тетово и во други општини битни за Албанците да излезе со свој кандидати за градоначалници.

– СДСМ во Тетово на локалните избори ќе го поддржи СДСМ. Таму има три коалициски партнери кои настапуваат со свои кандидати. Нашето општинско раководство вели дека треба и ние да настапиме со свој кандидат. Нашите анкети покажуваат дека сме во првите три партии на локално ниво во Тетово. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати кои поднесоа кандидатура – изјави Заев.

Премиерот вели дека е логично во прв круг СДСМ да излезе со свој кандидат во такви средни за да во вториот круг кога ќе остане една владејачка и една опозициска партија, да се поддржат владејачките партии. Тој најави дека во најголем дел, односно 50 отсто ќе има коалициски настапи во првиот круг и околу 25 отсто во вториот круг.

– Логично е во прв круг да излеземе со свој кандидат во такви средни за да во вториот круг кога ќе остане една владејачка и една опозициска партија, логично е да се поддржиме владејачките партии. Деновиве ќе има разговори ќе направиме анализи што најдобро можеме да понудиме. Со Тачи се видов пред две три недели, со Касами пред две недели, неделава ќе се видам со Ахмети. Сите сме реалисти во делот на позиционирањето и сите сметаме на заедничко помагање оти сме коалиција на централно ниво. Локалните избори се различни од парламентарни и важни се и понудените личности за градоначалници. Логично е коалициски да се поставиме. Најголем дел според мене ќе бидат коалициски настапи во првиот круг или еве според мене 50 отсто, околу 25 отсто во вториот круг, а некаде по завршувањето на изборите ќе правиме коалиција – изјави Заев.

Но интересни се информациите до кои дојде Плусинфо, токму за градот под Шара, односно бастионот на Албанците кој за изборите без разлика дали се локални или парламентарни во албанскиот блок ја има тежината како метрополата.

Информациите на Плусинфо се дека Заев во Тетово сака да настапи со респектабилен кандидат кој може да ги фрли во сенка кандидатите за градоначалници на ДУИ, Беса, ДПА и Алијанса и Алтернатива. Според наши информации во тек се разговори со академикот Абдулменаф Беџети и бизнисменот Љуљзим Дестани за кандидат на СДСМ за градоначалник на Тетово. Засега нема потврда дали Беџети или Дестани ќе прифатат кандидатура.

Функционерот на СДСМ вели дека непотребни се закани и уцени од коалициските партнери и дека има време до септември мирно преку разговори и меѓусебна толеранција да се договорат владините партнери за кандидатурите и за настапот на локалните избори.