Ахмети тврди ДУИ без дискутирање е победник на изборите

Демократската унија за интеграции ќе победи на следни избори, убеден е лидерот на партијата Али Ахмети. Смета дека тој има морално и национално право да повика на фронт за забрзување на патот кон ЕУ.

-ДУИ без дискутирање е победник на изборите. Се обидоа да ја победат ДУИ, но изгубија. Тогаш, ајде сите да размислиме малку и да ја надминеме гордоста и да видиме како ќе изградиме фронт за да го забрзаме патот кон ЕУ. И ако некој има морално и национално право да ја преземе оваа иницијатива, тоа сум јас, да ги поканам сите, бидејќи ова е најважниот момент да ги унапредиме нашите прашања, но и да ги подобриме нашите стандарди, рече Ахмети одговарајќи на новинарско прашање дали на ДУИ се плаши да оди сама на избори и дали тој се плаши од поделба на партијата.

ДУИ, без присуство на членовите на раководоството на т.н. огнена група во партијата денеска во Скопје ја одбележа 555 – годишнина од смртта на Скендербег, за кого Ахмети кажа дека е стратег и посебна историска личност важна за цела Европа.

Во изјавата за медиумите Ахмети одговараше и за разговорите за влез на Алијансата на Албанците во Владата објаснувајќи ги со проширување на мнозинство и создавање на алијанса за Европа.

-Мислам дека парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап, значи да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа, изјави денеска Ахмети.
Разговорите, според него, не се дојдени до поделба на ресорите.

-Не сме дојдени до овој момент. Да видиме како ќе се развиваат разговорите и каков ќе биде епилогот. Потоа ќе зборуваме и за ова прашање, рече Ахмети.

Прашан за стабилноста на парламентарното мнозинство во контекст на огнената група и пратениците од ДУИ, Амети вели дека тоа (разговорите со АА) нема никаква врска со огнената група.

Синоќа во интервју за ТВ 21 претседателот на АА Арбен Таравари изјави дека постои можност Алијанса за Албанците да стане дел од Владата, а ако тоа не се случи треба да се оди на избори.

Таравари остава простор за две опции, едната како што вели, по сугестија на меѓународниот фактор дека не е време за избори и дека за прогресот на државата важни се уставните измени, и доколку тоа го бара членството на АА тогаш веројатно ќе станат дел од Владата.Друга опција, според него, е да се оди веднаш на избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.