АХВ ја повлече од маркетите „Горска релакс“ која содржи екстракт од семе од коноп

Агенцијата за храна и ветеринарство ја повлече од рафтовите на маркетите „Горска релакс“, на чија амбалажа пишува дека содржи канабис. АХВ му наложил на производителот да го отповика и повлече производот, како и да го тргне рекламирањето од фејсбук страната на Горска, каде што се претставува и презентира производот како висококвалитетна функционална вода која содржи канабис, истакнувајќи медицински придобивки, пишува „Нова“.
„Овој производ не добил никаков вид на одобрување од АХВ. Означувањето, презентирањето и претставувањето на производот не се усогласени со законските прописи и се сметаат за измамнички кон потрошувачите“, се вели во Известувањето по претставката.
НОВА на 6 декември минатата година објави дека вода за пиење која во својот состав има канабис од неодамна може да се види на полиците во еден ланец  на маркети. Водата се продава во фрижидерите и рафтовите заедно со другата вода на дофат и на деца, но може да се купи и он-лајн преку интернет… Во позадина на амбалажата со ситни букви покрај другите елементи од составот беше наведено дека содржи „мултифрут екстракт од семе од коноп“.  Никаде немаше назначено дали и во кој процент содржи ЦБД бидејќи само тоа е дозволено за употреба, кој го контролира составот и дали гарантираат дека во својот состав нема психоактивната супстанца ТХЦ, или траги од истата.

Тогаш од Агенцијата за храна и ветеринарство одговори дека релакс водата со канабис не е одобрена од АХВ, бидејќи „Агенцијата немала  законска обврска за одобрување на овој вид производ“. Ова го објаснија со фактот дека оваа категорија на „освежителни“ производи не подлежи на посебна постапка за одобрување бидејќи компанијата веќе произведува вода за која има одобрение.

„Компанијата во АХВ е регистрирана како оператор кој полни природна минерална вода, која е одобрена од страна на Агенцијата“, се вели во одговорот од Агенцијата за храна и ветеринарство“, соопштија тогаш од АХВ.
Појаснија дека екстрактот од семе од канабис кој се наоѓа во водата според меѓународната класификација (не е објаснето на што се мисли, дали на регулативата на храната) не се наоѓа на листата за опојни дроги.  Од таму потврдија дека компанијата производител екстрактот го набавува од странство. Но, не знаат дали овој производ може да го користат деца со оглед на тоа што се наоѓа на рафтовите веднаш до другата флаширана вода.