АХВ: Африканската чума брзо се шири низ фармите во Источна Македонијa, досега уништени 137 свињи

Африканската свинска чума се шири со епидемична брзина низ фармите од источниот регион. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека во земјава се откриени 6 случаи на заболени свињи со африканска чума и тоа во Дамча, Пијанец, Кочани, Чешиново, Облешево и Мојанце. Овој свински вирус ги загрозува домашните животни, а фармите се лоцирани како жаришта на инфекција во радиус од 3 километри.

Бидејќи нема лек или вакцина за овој вирус, Агенцијата ќе спроведе истребување на свињите на овој периметар и ќе им се надомести штетата на сточарите. Од АХВ велат дека се приморани како превентива хумано да ги уништат сите свињи во радиус од 3 км. околу жариштето, што значи дека ќе бидат опфатени и малите одгледувалишта во кои жителите за сопствени потреби чуваат по неколку свињи. Според првичните проценки, станува збор за околу 400 единки. Во меѓувреме интензивно се одвива акцијата за депопулација на заразените свињи.

-Од кога е почната заразата, на 27 јули, кога се прогласи, мислам дека се уништени до сега 137 свињи, изјави Вања Кондратенко, раководител на сектор за здравствена заштита, АХВ.

Се земаат мостри од други фарми во радиус од 10 километри околу трите жаришта, за да може да се превенира во понатамошно ширење на вирусот. Фармерите се загрижени дека заболувањето може значително да го намали бројот на свињи и да им нанесе тежок финансиски удар по домашниот буџет.

Овој свински вирус, според надлежните, не се пренесува на луѓе.