АХВ и ЗЕЛС за воспоставување систем за контрола на бездомните кучиња

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов денеска, на иницијатива на Агенцијата, во соработка со Брајан Фаулкнер, претставник на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA), одржа состанок со претставници од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), за воспоставување соодветен систем за контрола на бездомните кучиња од страна на општините.

Од состанокот, како што соопшти АХВ, е заклучено дека системот на прифатилиште е најсоодветен систем за контрола на популација на кучиња кој треба да го воспостават општините. Неопходно е локалните самоуправи да имаат донесено и соодветната програма според која ќе се врши контролата на популација на кучињата.

Програмата и планот за контрола општините треба да ги направат врз основа на претходни истражувања кои треба да ги спроведат, како што е спроведувањето на проценката на популацијата на бездомни кучињата и истражување на јавното мислење.

Најдобрата метода, според експертот од Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија е спроведување истражување согласно методологијата на Меѓународната коалиција за менаџмент на домашните миленици.

Атанасов препорача од страна на АХВ, во соработка со Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија, да се обучат три тимови кои ќе можат да вршат такво истражување за потребите на ЗЕЛС, односно кои ваквите истражувања ќе ги спроведат во општините во Република Македонија. Врз основа на нив, додаде тој, потоа локалните самоуправи ќе може да донесат соодветни програми и планови за контрола на популацијата на кучиња.

Фаулкнер рече дека напролет може да спроведе специјализирана обука за одговорните лица и раководители во прифатилиштата, за постапките и рутините во прифатилишта, што беше прифатено од претставникот од ЗЕЛС. На состанокот се разгледа и можноста за обезбедување донација на опрема за заловување на кучиња, за оние општини кои вршат контрола на популацијата на бездомни кучиња на својата територија.

Обврска на општините е да имаат воспоставено соодветен систем за контрола на популацијата на кучиња, да работат плански врз основа на претходно подготвени програми. Контролата на популацијата на кучиња треба да се спроведува од страна на прифатилишта кои се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Не е задолжително, беше истакнато на состанокот, секоја општина да има свое прифатилиште, туку повеќе општини заедно можат да воспостават регионални прифатилишта. Со прифатилиштата треба да раководи и работи стручен и обучен персонал.