АХВ:Нема место за загриженост дека месото од Романија е од заболени животни

„Агенцијата за храна и ветеринарство ја разбира загриженоста на јавноста која доаѓа од информацијата за појава на болеста Спонгиоформна енцефалопатија кај говедата (СЕГ) во Романија, или популарно наречена Болест на луди крави. Од официјалните податоци на Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE), појавата на болеста е потврдена на 20.06.2014 година,“велат од АХЗ.

Од таму додаваат дека болеста е утврдена при редовна контрола во кланица, што само по себе укажува дека системот за контрола на оваа болест воспоставен во Романија е ефикасен и дава резултати. Позитивното животно е издвоено од синџирот на исхрана и нештетно отстрането и затоа нема причина да се верува дека месо или производи од заболени животни со потекло од Република Романија претходно се ставени во промет.

„Поради значењето на болеста, системите за контрола на болеста се еднакви во рамки на сите земји членки на Европската унија, во согласност со релевантната легислатива и националното законодавство на Република Македонија е усогласено со нив. Согласно важечките прописи, Република Романија при ставање во промет односно извоз во трети земји е обврзана да даде дополнителни гаранции во однос на СЕГ. Во моментов, согласно Резолуцијата Бр. 18 (од 82 Генерално собрание на Светската организација за здравствена заштита на животните) одржано во мај 2014 година, Република Романија е ставена во категоријата земји со незначителен ризик во однос на СЕГ,“ велат од Агенцијата за храна.

Трговската размена со Република Романија во период од 01.01.2014 година до денес во однос на говедско месо и производи од месо од говеда е речиси незначителна. Во овој период увезени се вкупно 13.561 килограми говедско месои тоа во периодот пред 01.05.2014 година. Пратките се пропратени со ветеринарно здравствен цертификат издаден од надлежните служби на Република Романија.

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да ја следи состојбата со болеста преку известувањата на Светската организација за здравствена заштита на животните и секако, доколку постои и најмал ризик по здравјето на граѓаните, ќе презема соодветни мерки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.