АХВ утврди ГМО во соините производи на Виталија

Соините трошки и шницли од Србија кои тука ги продава Виталија и дефинитивно имаат ГМО. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги доби резултатите од суперанализите.

– Соините шницли и соините трошки во количина од 510 килограми, дел затекнати во магацин, дел повлечени од продажба, се наоѓаат под официјален надзор и деновиве ќе бидат уништени. За увозниците и за операторот со храна кој извршил промет на ваквите производи во Република Македонија, согласно овој закон ќе им бидат изречени парични казни во висина до 5 илјади евра, а казна ќе добијат и одговорните лица во овие компании, се вели во соопштеието од АХВ.

АХВ во изминатите денови обзнани неколку случаи со малверзации со храна. Освен соините производи, кочански ориз со ГМО бил пронајден пред да заврши на тезгите, сепак Агенцијата се уште не знае од каде дошло семето и кој се` го садел оризот. Оттаму велат дека го испитуваат случајот, иако откупувачот кај кого е пронајден спорниот ориз доби казна од околу 6.000 евра. Оризот ќе биде уништен заедно со производите на „Виталија“.

Претходно, Агенцијата пронашла и мелено месо за кепаби и плескавици кои имале траги од пилешко, иако во декларацијата било наведено дека се работи за свинско, говедско, или мешано меѓу свинско и говедско месо.

Во Европската унија е дозволено косумирање на храна со ГМО, но нејзиното присуство треба да биде истакнато на декларацијата. Слично било и во Македонија до 2015. година, кога е донесена одлука да се забрани производството со ГМО до влегувањето на Македонија во ЕУ.