„Ајнтрахт“ заинтересиран за Несторовски

Македонскиот репрезентативец, Илија Несторовски, според последните шпекулации може да направи трансфер во Германија, јавуваат италијанските медиуми, по што веста ја презеле и германските.
Познатиот италијански портал за трансфери „Калчомеркато“ најави дека бундеслигашот „Ајнтрахт“ Франкфурт го сака Несторовски, а и Македонецот, наводно немал ништо против тоа.

Веста ја презема и еден германски портал, пренесувајќи дека Несторовски е капитен на „Палермо“, има 13 гола сезонава во Серија Б, но дека поради повреди одиграл само 27 меча од досегашните 40 за сицилијанскиот тим. Проблем е што „Ајнтрахт“ од идната сезона ќе има нов тренер, бидејќи Хрватот Нико Ковач го презема минхенски „Баерн“.

Она што е посигурно во врска со Несторовски е дека најверојатно ќе се врати на теренот за последниот меч во оваа сезона за „Палермо“, на гостувањето кај „Салернитана“ на 18 мај, пресметка која може да решава за директен пласман во Серија А.
Несторовски во изминатите две години за Палермо постигна 24 гола. Предходно беше член на „Интер“ Запрешиќ, а од хрватската лига за половина милион евра премина во Италија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.