Академија Пандев обезбеди место во финалето на фудбалскиот Куп на Македонија

Академија Пандев ќе игра во финалето на фудбалскиот Куп на Македонија, откако попладнево во полуфиналето ја совлада Македонија ЃП со 3:1.

Стрелци на головите за победничкиот тим беа Бесник Ферати и Марјан Радевски (два од пенал).

Изет Ајрулаху го постигна единствениот гол за домашната екипа.

Двете екипи натпреварот го завршија со по десет фудбалери поради црвените картони на Ферати 45. минута и Томе Китановски 60. минута.

Противникот на струмичани во мечот за трофејот ќе биде познат утре по одигрување на дуелот Струга Трим Лум – Силекс.