Акциите на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ во месец јануари се во топ трите најтргувани хартии од вредност на Македонска берза, покажува месечниот статистички билтен објавен на Интернет страницата на Берза.
Најтрувани се акциите на Комерцијална банка кои зафаќаат 52,90 отсто од вкупниот промет во јануари или со 171 реализирана трансакција. Потоа следат акциите на Макпетрол со 12,62 отсто учество во вкупниот промет и акциите на „Алкалоид“ со вкупно 147 трансакции.
Акции со најголем пораст во јануари се оние на велешката компанија „Ветекс“ со скок од 30,86 отсто, потоа акциите на „Скопски пазар“ со пораст од 15,63 отсто, додека во топ три влегоа и акциите на „Гранит“ со забележан раст од 11,11 отсто.
Огромен пад од 82,96 отсто забележаа хартиите од вредност на „Жито Караорман“ од Кичево, веднаш потоа акциите на „Фершпед“ кои завршија со негатива од 60,09 отсто, а под нив се оние на „Триглав“ со пад од 42,73 отсто.
Во истиот период, пазарната капитализација на Берзата забележала пораст од 1,10 отсто односно била на ниво од 103 милијарди 848 милиони 479 илјади 182 денари. Пад од 18,10 отсто е забележан кај прометот, кој што во тој период бил на ниво од 524 милиони 732 илјади и 450 денари. Индексот МБИ 10 забележа пад од 0,08 отсто и беше на ниво од 1.737,45.