12.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Јакимовски дал на користење училници на училиште за странски јазици, без договор за закуп

Продолжува самоволието и непочитувањето на законите, процедурите и одлуките на Советот, од страна на градоначалникот Стевчо Јакимовски и СДСМ во Карпош. Го прашуваме градоначалникот дали последното од низа е давањето на користење на училишен простор и училници за дополнителни часови на правно лице без оглас за издавање на просторот, без никаква постапка и без одлука и одобрување од страна на Советот во Општина Карпош. Училиште за странски јазици отпочнало со предавање и вршење на дејноста во училиштето со знаење и согласност од страна на градоначалникот и без важечки договор за закуп, изјави денеска за медиумите, Адријана Јакимовска Панчевска, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош.

Таа праша дали и покрај големиот интерес за закуп на просториите изразен од страна на повеќе фирми и здруженија, просториите во 8 од вкупно 10 основни училишта во Карпош веќе се дадени на користење на фирма чија сопственичка беше кандидат за советник од ГРОМ во 2017 година и истата имаше тесни врски и соработка со СДСМ во изминатите 5 години во Општина Карпош, користејќи ги училниците, наплатувајќи ги услугите од родителите и остварувајќи профит.

– Воедно би сакале да потенцираме дека непрофитните спортски клубови кои беа досегашни корисници на салите во училиштата беа отстранети и оставени да се снаоѓаат и молат за простор како знаат и умеат. Најголемиот дел од децата во Карпош што тренираат во отстранетите клубови сега се приморани секојдневно да патуваат на тренинг во сали во другата страна на крајот од градот. Би сакале јасно да им посочиме на директорите на училиштата интересот од договорите, соработката, самоволието се кај градоначалникот Јакимовски и СДСМ, но кај директорите останува кривичната одговорност од незаконското давање на просторот за користење. Родителите, пак чии деца ги посетуваат дополнителните часови во училиштата би сакале да ги информираме дека приватните училишта незаконски неосновано го користат просторот и затоа нема потреба и не треба да ги плаќаат уплатниците што им се доставени од страна на узурпаторот. Граѓаните би сакале да ги увериме дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата секогаш ќе ги штити нивните интереси. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата секогаш инсистира на почитувањето на законските норми и акти. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе гласа за одобрување на предлог одлуката за начинот и условите за давање на согласност на училишен простор и спроведување на други активности во врска со основните општински училишта на територија на Карпош кога точката ќе биде разгледувана на седница на Советот, појасни таа.

Јакимовска Панчевска додаде дека советничката група ќе опстои по секоја цена на ставот дека за секое самоволие, непочитување на процедурите и законите треба да се сноси одговорност.