Јакимовски: Изјавата на Ахмети е создавање терен дека со Заев може да се дојде до тие промени

Ахмети сега им укажа на граѓаните што ги очекува во наредниот временски период, вели лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, за „Што не е јасно“ на Алфа, во однос на најавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека со Заев разговарале за промена на знамето, химната и грбот.

– Има два аспекти, првиот во 2016 пред изборите предупредувавме дека Македонија ќе стане двојазична, дека ќе се промени уставното име на Република Македонија и гледаме дека тие две работи се завршија. АСНОМ се исфрли од Уставот и уште тогаш зборувавме дека со Заев не чека промена на химната, знамето и грбот и тоа еве се остварува, потенцираше Јакимовски.

Тој додаде дека изјавата на Ахмети е создавање терен дека со Заев само може да се дојде до овие промени и да оневозможи на ВМРО-ДПМНЕ да бара коалициони и партнери во албанскиот корпус.

– Заев се однесува како Луј 16, државата тоа сум јас, а ако се сеќавате во Швајцарија во 2016 јасно кажа што ќе се случува и тие работи излегуваат на виделина. Време е конечно македонскиот народ да каже, од кого и да е, ова е премногу. Ние Македонците ќе се сведеме да бидеме Македонци само по дома. Албанците каде и да се се Албанци, во Грција, Србија, Црна Гора, Македонија, само Македонците не можат да бидат Македонци ни во Грција, ни во Бугарија, а сега ни прават и дома да не може да бидеме Македонци, изјави Јакимовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.