Во септември викаа не смееле да набавуваат вакцини од земји кои не се членки на НАТО, а сега на гости ни е министер од Кина кого го молат за вакцини. Тоа е иронија и изгубеност, непосветеност во работата, изјави во „Само вистина“ на Канал 5, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
„Комплетниот систем на власта потфрли за време на ковид кризата и ние доцниме со вакцинирање. По вакцини сме последни, по број на починати и заразени сме во врвот на најлоши и тоа ни укажува дека имаме сериозен дефект“, потенцираше Јакимовски.
Истакна дека Македонија е вистински пример каде државата ја водат луѓе кои не мислат со своја глава и немаат стратегија, за разлика од нас Србија има водство кое мисли со своја глава и има стратегија, што може да се забележи овој период кога повеќе македонски граѓани се вакцинираат во Србија, наместо во Македонија.
„Еве како тоа нам ни се удира одглава. Фактите покажуваат дека власта има серија промашувања во справување со ковид кризата. Од што ненабавка на респиратори, од ненавремено набавување на заштитна опрема, до тоа да Русите ни понудат вакцини, а да останат на тоа ноншалантни, за да сега земеме Спутник вакцини и до скандал при набавката на кинеските вакцини со фирма од Хонконг“, нагласи Јакимовски.