Акинфеев ги елиминираше Шпанците, Русија во четвртфиналето

Домашната фудбалска репрезентација на Русија се пласираше во четврфиналето на Светското првенство откако во неделата во Москва во средбата од осминафиналето ја совладаа Шпанија со 5:4 (1:1, 1:1), со подобро изведување на ударите од белата точка благодарејќи на својот голман и капитен Игор Акинфеев.

По 90 минути игра, како и по продолженијата од двапати по 15 минути, резултатот остана непроменет од крајот на првото полувреме 1:1, а во пенал серијата рускиот голман Игор Акинфеев ги одбрани ударите на Коке и Аспас, додека сите четворица руски изведувачи беа прецизни.

Фаворизираната Шпанија, којашто супериорно се квалификуваше за мундијалот елиминирајќи ја Италија во групата во којашто настапи и македонската селекција, поведе уште во 12 минута со автоголот на Сергеј Игнашевич, а израмни од пенал во 41 минута Артјом Дзјуба.

Русија со пресметана игра според своите можности во споредба со некогашниот светски и европски шампион Шпанија, приреди уште една сензација, бидејќи „Црвената фурија“ е третиот поранешен светски првак, покрај Германија и Аргентина, кој е елиминиран и тоа веднаш на почетокот од нокаут фазата. „Зборнаја“ до својот историски успех откако настапува како самостојна земја до успехот стаса со фанатична борбеност и цврста дисциплинирана игра во текот на двата часа фудбалски двобој на преполниот московски „Лужники“. И на крајот со одличните реакции на својот капитен Акинфев кој и во текот на мечот нанижа седум одбрани, ги руските фудбалери ги исполнија сништата на навивачите, иако пред почетокот на турнирот не полагаа многу надежи.

Како и што се очекуваше, Шпанија доминираше во поседот на топката, па на крајот од мечот имаше фантастични 79 отсто посед на топката. Но овој сегмент од играта не резултираше со ефикасност, бидејќи рускиот селектор Станислав Черсесов, поранешната репрезентативна резерва на руската голманска легенда Ринат Дасаев, подготви одлична одбранбена тактика со којашто ги затвори сите приоди кон својот гол.

Шпанија многу рано за дуелите од оваа фаза дојде во предност кога Марко Асенсио нафрли од десно крило во рускиот шеснаесетник, а таму Сергеј Ингашевич кој се бореше со Серхио Рамос за позиција, падна и топката го погоди во петицата, па се одби во мрежата на Акинфеев. И по примениот гол Русија не се отвори, туку стрпливо ја очекуваше својата шанса внимавајќи противникот да не го удвои водството кое потоа тешко би го анулирале нејзините играчи. А шансата се укажа на пет минути пред крајот на првото полувреме, кога по нафрлувањето од аголот Артјом Дзјуба со глава биеше а топката ја погоди високо подигнатата рака на Пике, па холандскиот судија Кујперс покажа на белата точка. Сигурен изведувач беше Дзјуба, а Де Хеа уште еднаш ја извади топката до својата мрежа а притоа без ниедна одбрана.

Во второто полувреме продолжи доминацијата на Шпанија, додека беше видливо дека руските играчи сѐ потешко можеа да го следат жестокиот ритам на мечот. Меѓутоа, освен продорот на Иско во 58 минута кого руските бекови сепак успеаја да го блокираат дури во својот шеснаесетник и опасниот удар на Андрес Иниеста од 16 метри во 85 минута, Шпанците не успеаја да создадат сериозни закани по противничкиот гол. Обидот на Иниеста беше најблизок обид за промена на резултатот, Аспас со гради му ја спушти топката на шут но Акинфеев успеа да ја извади топката од самиот долен десен агол на својот гол.

И во дополнителните 30 минути Шпанија имаше повеќе од играта, а во 114 минута нејзините играчи бараа пенал, кога топката беше нафрлена од прекин а имаше неколку двојни дуели и меѓусебни влечења за дресовите во рускиот шеснаесетник, во прв ред меѓу Рамос и Ингашевич и Пике и Кутепов, но ниту од ВОР лабораторијата не сметаа дека во некој од нив може да се види чист прекршок во полза на Шпанците. Претходно во 109 минута резервистот Родриго се проби по десното крило, но неговиот удар откосо Акинфеев го одбрани, а обидот на Карвахаљо од одбиената топка беше блокиран.

Во пенал рулетот Иниеста погоди за водство на Шпанија, а израмни Смолов во првата серија. Пике повторно реализираше за предност на Шпанија која ја анулираше Игнашевич. Потоа следеше шутот на Коке кого Акинфеев искусно го прочита, а Головин го носи првото водство за Русија. Капитенот Раност израмнува а Черишев со реализација го стави последниот шпански изведувач Аспас под голем притисок. Шпанецот одеше во ваква ситуација на сигурен шут по средината на голот, но Акинфеев во пад со врвот на копачката ја одби топката во поле и ја одведе Русија во четвррфиналето.

Русија на 7- и јули во Сочи во 16 часот ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Хрватска и Данска кој започнува во 20 часот во Нижни Новгород.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.