Јакнење на македонско-британската соработка во делот на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон.

На средбата се разговарало за можностите за зголемена соработка, особено во енергетскиот сектор, со акцент на исполнување на заедничките цели за енергетска стабилност, независност и зелена енергетска транзиција.

Министерката Божиновска го истакнала значењето на британската поддршка и посочила дека цели на државата се модернизација на енергетската мрежа, подобрување на капацитетите за складирање електрична енергија и унапредување на обновливите извори на енергија. Од британска страна, како што информира Министерството за енергетика, била потенцирана подготвеноста за вложувања и поддршка на реформите во енергетиката, како дел од заедничките заложби за намалување на емисиите на штетни гасови и обезбедување на одржлива енергија.

– Г. Бартон, кој ја посети Македонија по трет пат, ја нагласи важноста на партнерството меѓу двете земји, додека амбасадорот Лосон истакна дека Велика Британија и Македонија веќе успешно соработуваат во неколку клучни области, а енергетиката е стратешки приоритет за понатамошно продлабочување на односите, се посочува во соопштението.

Од Министерството за енергетика ја оценуваат оваа средба како значаен чекор кон отворање нови можности за инвестиции и зајакнување на билатералните односи меѓу двете држави со цел градење стабилна, независна и зелена енергетска иднина.