Јавното претпријатие „Лајка“, со особено задоволство го објавува почетокот на својата најнова општествено-одговорна иницијатива во соработка со креативната агенција Њу Момент, со цел промоција на посвојувањето на кучињата скитници. Кампањата симболично започнува утре, на 23-ти септември, Интернационалниот ден на вдомените кучиња.
Кампањата под мотото „Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“, која Њу Момент ја изработи и реализира про боно, е дизајнирана да ја зголеми стапката на посвоени кучиња, но и да ја подигне свеста на јавноста за работата на „Лајка“, градското јавно претпријатие за третман на улични кучиња.
Имајќи ја предвид алармантноста на бројката на бездомни кучиња на нашите улици, идејата е оваа кампања дополнително да ги привлече потенцијалните посвојувачи на кучиња и поддржувачи на иницијативата.
Кампањата на креативен начин ќе ја прикаже љубовта и лојалноста која кучињата ни ја даваат и преку употреба на интерактивни содржини, средби со поддржувачи и потенцијални посвојувачи, видеа, едукативни материјали, во континуитет ќе ги информира и едуцира граѓаните за придобивките од посвојувањето на бездомните кучиња.
Главната цел е вдомување на што поголем број на бездомни кучиња и реален придонес кон решавање на овој проблем, со конкретни резултати.
Согласно бројките од претпријатието, во просек месечно се вдомуваат 40 кучиња, минатата година се вдомени над 400 улични кучиња, а за оваа година се очекува бројката да биде уште поголема.