Ако не се промениме, не можеме да очекуваме европски вредности и награда

Во интервју за весникот „Вечер“ Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека наша стратешка цел е Европската Унија, но она што е веднаш потребно е да се промениме ние внатре, зашто во спротивно Европската Унија за нас ќе стане недостижна цел.

Ставот дека ЕУ и понатаму е нашата единствена опција, после корпата од Франција, влијае дополнително разочарувачки врз електоратот. Имаме ли воопшто капацитет да функционираме и без ЕУ? Ваше мислење за малиот шенген на Балканот или опцијата Евроазиска Унија.

-Не е само Франција, тоа е лагата што ја сервираат од „Илинденска“ број 2. Таму одлуките се носат едногласно или не се носат. Во нашиот случај не се донесоа. Тоа што сега секој таму се обидува да ја алоцира вината, не кај се себе, туку кај другиот, тоа доволно говори дека ние сè уште не сме свесни дека ние сме тие кои треба да се променат. И повторно ќе ни се случи некое ново НЕ, ако повторно не ги видиме знаците кај патот.

Наша стратешка цел е Европската Унија. Ние и сега сме без Eвропската Унија па функционираме, но она што е веднаш потребно е да се промениме ние внатре, зашто во спротивно Европската Унија за нас ќе стане недостижна цел. Колку ние мислиме дека сме поблиску, толку сме всушност подалеку. Ако ние не се промениме, не можеме да очекуваме европски вредности и награда. Не можеме само да седиме и да очекуваме дека некој ќе не награди со членство во Европската Унија. Не може Зоран Заев да оди во Брисел и да очекува датум за преговори, и истиот ден на шверцерски начин со злоупотреба на европското знаменце во Собранието да сака да го протне законот за опојни дроги. Тоа е она лицемерие. Тоа го гледаат луѓето оттаму и на нив тоа им е јасно, едно зборуваме, а друго правиме.