Ако нема промена на Уставот, тоа ќе се одрази на односите на Македонија со САД, предупреди Марфи

Демократскиот сенатор од САД, Крис Марфи, ги повика пратениците да гласаат за уставните измени, за да ја отворат можноста за членството на земјата во ЕУ.

Во време кога Русија е сериозна закана за НАТО алијансата, но и за европските демократии, уставните измени се можност за Северна Македонија да се приклучи кон Европската унија (ЕУ), порача денеска во Скопје демократскиот сенатор Крис Марфи. Тој во име на САД ги повика пратениците да гласаат за уставните измени и да ја искористат можноста за влез во ЕУ, додавајќи дека во спротивно, неусвојување на промената на Уставот ќе се одрази и на односите на Северна Македонија со САД.

„Сакам да бидам јасен и за влијанието што ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени. Тогаш ќе се тргнеме од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние коишто сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но лидерите во САД го набљудуваат изборот што ќе биде направен тука во следниве неколку месеци“, изјави Марфи по денешната средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски.

Тој кажа дека војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени и вели дека Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот. Затоа сенаторот Марфи порача дека ова е нова реална можност и овие технички измени на Уставот се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ.

Промената на македонскиот Устав за вметнување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската унија (ЕУ). Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата.

Премиерот Ковачевски денеска рече дека на патот кон ЕУ ќе претстојат „тешки и храбри одлуки“, но дека е одлучен во намерата земјата да ја продолжи европската интеграција и дека му е важна поддршката за тоа од САД.

„Одлуката која е пред нас, не е одлука на еден човек, не е одлука на една Влада и не е одлука на една политичка партија. Ова е одлука на сите политички актери во државата. Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на Европската унија. Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација, во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, од Романија и од Полска и од Бугарија и од сите земји кои станаа членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од коишто порано сме имале поголем стандард“, рече Ковачевски.