Ако падне Црна Гора, се знае кој е следниот, истакнуваат хрватските медиуми по настаните во Цетиње

Повеќето медиуми во регионот ги следеа случувањата на Цетиње пред устоличувањето на митрополитот Српската православна црква црногорско-приморски Јоаникие. Иако церемонијата беше спроведена, вчерашниот ден покажа дека ситуацијата во соседната земја лесно може да ескалира и да доведе дури до граѓанска војна, пишува Јутарњи лист.

Дали мачното и ни малку свето устоличување на новиот црногорско-приморски митрополит Јоаникие Миќовиќ во чадот на солзавецот и силата на пендреците на Цетиње, бастионот на црногорството, е почетокот на завршната фаза на проектот на Вучиќ (и Кремљ?) за „српски свет“ и последната битка за нешто што се вика црногорска држава и нација, пишува Јутарњи.

Црна Гора веќе долго оди по работ на паметот, над амбисот кој може да ја повлече во конфликт со несогледливи последици и да ја турне во граѓанска војна. Црна Гора вчера не беше далеку од тоа мрачно сценарио бидејќи беше соочена со сериозно загрозување на опстојноста на сопственото постоење и повторното туркање во „српскиот свет“ кој во последните месеци интензивно го пропагира режимот во Србија. Тоа не е ништо друго освен „друго пакување“ на сите досегашни големосрпски проекти, од Гарашанин и селото Ба до меморандумот на САНУ и воената политика на Слободан Милошевиќ, за жал само како доказ дека во српската политика ништо не се сменило во последните 40-тина години и дека ни крвавите војни во Хрватска, БиХ и на Косово не беа доволни да се сменат нештата и да се опаметат.

Црна Гора денес е најболната на Балканот, длабоко разнишано и поделено општество во кое една искра може да предизвика страшен пожар. Како што вели Мило Ѓукановиќ, Црна Гора е под агресија на Србија. Вучиќ му возврати дека Црна Гора „секогаш била полигон за напади врз Србија“ и дека ни Ѓукановиќ ни кој било друг нема да успее да ја покори „како што правевте во претходните 30 години“.

По минатогодишната промена на власта кога, со политичка логистика и менторска поддршка од СПЦ на изборите победи просрпската опција, Црна Гора се разниша, а во таа победа и српскиот режим и подгоричката власт видоа шанса за „враќање на блудниот син“ повторно во скутот на Белград, како „втора српска држава“.

Црногорската нација се деградира како „дефект“, „отпадок на српството“ и „брозомор“ (нација која ја измислил Тито), а сè пукна кога процрногорската власт сакаше да ја зајакне улогата на националната Православна црква која, иако автокефална, по анексијата на црногорското кралство ја укина кралот Александар Караѓорѓевиќ, за сега Александар Вучиќ среде цетињскиот бунт да ја спореди со Хрватската православна црква на Павелиќ во злокобната НДХ, со што испрати јасна порака што мисли за црногорската самостојност.

И екуменистички прилично разборитиот патријарх Порфирие кој, и покрај солзавецот и барикадите, го предводеше устоличувањето, покажа што мисли за Црна Гора – не сака ни да чуе за црногорската црква и Црногорците како посебен национален и верски идентитет.

Со евентуалниот „пад“ на Црна Гора се менува целата слика на нашиот регион според замислата на „српскиот свет“, а потоа не е тешко да се замисли дека Босна и Херцеговина е следна на нишан. Опстанокот на Црна Гора е важен за зауздувањето на плановите на Вучиќ како единствен водач на Србите во регионот, заклучува Јутарњи.