Ако сака да го згрижи Хоџа, нека го вработи во „Тотал Инженеринг“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача на премиерот Зоран Заев дека е негова лична работа ако сака да му помогне и да се грижи за семејството на Џезаир Шакири, попознат како Командант Хоџа, но не му дава за право да го вработува на висока функција во владата и да го плаќа со пари на граѓаните.

Двајцата делат иста идеологија и исти вредности. Но тука е важна и една друга порака. Се уште немаме одговор на прашањето кој го заробил, и кој го ослободил Танушевци, и зошто доколку било тоа така надлежните органи не реагирале и не ја известиле јавноста. И суштинската дилема останува, доколку некој се дрзне да направи некое незаконско дело, нападне полиција или нешто слично, наместо да биде санкциониран добива место во Владата. Ова е случај каде се рушат вредности, а преседанот станува правило, вели Мицкоски.

Тој предупреди дека е исклучително опасно ваков човек да биде поставен на така висока и чувствителна функција, бидејќи е на американската црна листа, а сега треба да добива информации кои се државна тајна и да советува околу безбедноста.

Го повикувам премиерот Зоран Заев да го раскине договорот за вработување на Џезаир Шакири во Владата и доколку толку многу сака да помогне можеби е добро да го вработи во неговата семејна компанија „Тотал инженеринг“. Убеден сум дека чесните граѓани на Македонија не би сакале да финансираат некој што се заканувал и велел дека доколку имал оружје, Македонците ќе ги протера од овие простори. Воедно предупредувам дека одговорност мора да се понесе, и не толку далеку од сега ќе мора да дадат одговори за ваквото деструктивно однесување, рече Мицкоски.