Ако се доцни со регистрација на возилото ќе се плаќа повеќе?!

Нов удар по џебот на несовесните граѓани. Луѓето се револтирани бидејќи не сакаат да доплаќаат ако задоцнат со осигурување, односно со регистрација на возилата, објави Алфа

Реакцијата доаѓа откако Националното биро за осигурување побара од Владата, возачите кои нема да ги регистрираат возилата навреме, да плаќаат повеќе. Предлогот е доставен до Владата при крајот на минатата година со образложение дека во земјава има многу нерегистрирани возила. Граѓаните велат дека голем број од возачите доцнат со регистрацијата бидејќи немаат доволно пари во моментот, а има и голем дел од нив кои работат во странство, па затоа не ја извршуваат оваа обврска навреме.

Од Бирото за осигурување тврдат дека финансиските проблеми не биле доволна причина зошто возилата не се регистрираат навреме, бидејќи биле нерегистрирани и многу возила со поголема вредност. Своето барање го правдаат со податокот дека 81.176 возила во земјава се нерегистрирани, односно дека скоро 14% од полисите лани не биле обновени споредено со бројката од 2016-та година.

Анализите на Националното биро покажуваат дека во просек годишно од страна на Гарантниот фонд се исплаќаат преку 2 милиони евра за штети предизвикани од неосигурани возила и се резервираат штети преку 3 и пол милиони евра. Во изминатите 10 години од Гарантниот фонд биле исплатени 25 милиони евра, пишуваат од Тв Алфа.