Ако се влоши ситуацијата ќе се оди на полициски час а не на вонредна состојба, порача Пендаровски

Беше неопходно да се прогласи кризна состојба за да се овозможи подобро користење на сите ресурси на државата, вклучувајќи ја и армијата, а вонредна состојба не е потребна затоа што сега има функционален парламент, смета претседателот Стево Пендаровски.

„Ако се влоши ситуацијата со Covid-19, нема да одиме кон вонредна ситуација, туку кон рестрикција на движењето на граѓаните, односно полициски час“, рече Пендаровски појаснувајќи какви ефекти се очекуваат од прогласувањето на кризната состојба.

Шефот на државата додаде и дека прогласувањето кризна состојба било неопходно за да се овозможи подобро користење на сите ресурси на државата, вклучувајќи ја и Армијата, но и приватните здравствени установи за справување со коронакризата.

„Во овој момент армијата нема повеќе простор да помага, ние користиме една правна основа во Законот за служба на армијата и тоа не е доволно. Имаме 40-50 луѓе кои сега помагаат. За таа бројка да биде многу поголема мора да има кризна состојба, бидејќи според Законот за менаџирање со кризи, Армијата може да има поголема улога во подршка на полицијата само ако има криза или прогласена вонредна или воена состојба“, рече Пендаровски во „Трилинг“ на ТВ 24.

Вонредна состојба, според него, не е потребна затоа што сега има функционален парламент.

Пендаровски потенцираше дека прогласувањето на кризната состојба подразбира и можност државата во овие 30 дена да менаџира со приватните ресурси за справување со стуацијата, иако како што вели, можеби нема да има потреба за такво нешто.

Оцени дека земјата не е единствена која има тешка епидемиолошка состојба, бидејќи, како што потенцира, тоа е случај во сите други земји. Смета дека за непочитувањето на мерките не треба да се обвинуваат само граѓаните, туку и институциите, особено за селективна примена на законите и санкционирањето.