Ако се затворат игрите на среќа, ќе страдаат 10.000 семејства, предупредува Здружението „Сакам да работам“

Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ преку писмо реагира на предложените измени кои предвидуваат игрите на среќа исклучиво да се одвиваат во луксузни хотели со пет ѕвезди, како и предлогот за дистанцирање на деловните објекти на 500 метри од образовните институции.

Според нив, ова несомнено се предлози за целосно затворање на секторот игри на среќа со тешки последици по целата македонската економија и губење на нивните работни места.

-Бидејќи веќе подолг период сме предмет на меѓусебна популистичка пресметка во кампањите на политичките партии, по повод меѓународниот ден на трудот ја отвораме дилемата до кога ќе бидеме цел на невидено оцрнување за дневно политички поени? „САКАМ ДА РАБОТАМ“ како Здружение на вработени во сектор игри на среќа жали што надлежните државни институции до сега ниту еднаш не застанаа во одбрана на нашето достоинство, човекови слободи и уставно загарантирани права на работен однос. Не можеме да прифатиме дека никој од надлежните не чувствува одговорност да ги демантира неоснованите обвинувања дека игрите на среќа се извор на нелегални активности и наводно делуваат штетно врз младината. Тоа не е точно и за тоа постојат факти со кои државните институции располагаат! Многумина меѓу нас се родители на малолетни деца или на тинејџери и навистина тешко ни паѓа кога на товар ни се става дека сме општествено зло за идните генерации, велат од Здружението.

Тие бараат заштита од Државната Комисија за спречување и заштита од дискриминацијата и од НВО секторот.

-Игрите на среќа се легален, економски сектор, кој работи согласно позитивните законски прописи. Вработува безмалку 10 илјади луѓе, индиректно помага меѓу 54 до 100 илјади други работни места, секоја година придонесува со најмалку 280 милиони евра во државниот Буџет. Компаниите и ние вработените постојано сме дел на различни хуманитарни и донаторски активности со што покажуваме врвна општествена одговорност. Нашите работодавачи се претставници на реномирани светски и ЕУ компании кои спроведуваат највисоки стандарди на професионалност“, стои во нивното соопштение.

Додаваат дека, крајно време е да се напушти популизмот и да се почне да се говори со факти!

„Ако државата навистина одлучила да ги затвори игрите на среќа, мора да земе предвид дека со таква погрешна одлука ќе предизвика егзодус на најмалку 10 илјади семејства кои ќе се преселат во западните земји и таму повторно ќе работат во истиот сектор. Тоа е реалноста! Ние навреме предупредуваме, со цел да превенираме состојби кои ќе предизвикаат сериозни штети. Сега, кога државата среде глобална криза грчевито се бори за зачувување на секое работно место, затворањето на цел економски сектор е неразумно и неодговорно однесување. Се надеваме дека некој ќе ги земе предвид овие наши укажувања! Во спротивно ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести со кои ќе бараме заштита на нашите права“, велат од Здружението.