Ако тестот е на сметка на фирмите, нема ефект, туку секој треба сам да си го плати, смета Стопанската комора

Стопанската комора на Северна Македонија денеска го повтори нејзиниот став да се определи задолжителна мерка за тестирање на невакцинираните вработени кои не го прележале вирусот ковид-19 во последните 6 месеци.

– Сакаме повторно да укажеме дека ставот на бизнис заедницата е вработените за време на извршување на работата да мора да исполнуваат еден од условите за заштита од коронавирусот накратко наречен ВПТ: вакцинација против вирусот, прележан ковид-19 или да се тестираат. За вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот да се предвиди задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови, со само-тестирање или во државни или во приватни дијагностички центри, како ќе одлучи работодавачот. Не случајно се предлагаат брзи антигенски тестови кои се значително поевтини од ПЦР тестовите и се согласно искуствата и во другите земји – велат од Стопанската комора.

Комората смета дека трошокот за тестирање со брзи антигенски тестови исклучиво треба да е на товар на работникот за да се постигне подигнување на степенот на имунизација во пократок временски период и со тоа да се спречат мутациите на вирусот.

– Во спротивно, ваквиот трошок, за бизнис заедницата е непродуктивен, односно трошок без ефект кој во услови на пандемија, здравствена, економска и енергетска криза е неоправдан – додаваат од Комората.

Во насока на реализација на спроведување на мерката на задолжително тестирање без таа да предизвика значителни материјални трошоци за работниците, а и поради ризикот од покачување на цените на антигенските тестови во услови на зголемена побарувачка, бизнис заедницата предлага Владата согласно Законот за трговија да донесе Одлука да ја определи највисоката цена (набавна односно увозна цена со оглед дека нема домашно производство зголемена за разумна маржа) за овој вид тестови.

– Ние како Стопанска комора на Северна Македонија ќе упатиме повик до нашето членство, согласно барањата на синдикалните организации да овозможат за вработените кои ќе се вакцинираат 2 дена платено отсуство од работа. Мора да се има предвид дека заеднички мора да работиме на подигнување на степенот на вакцинација, заради што и Комората спроведе и анализи и сериозни дискусии низ членството, со цел се спречат и мутациите на вирусот во што пократок период, и предлага мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат – додаваат од Комората.

Комората го доставила нејзиниот предлог до Владата на 15 ноември.