Ако Владата ја отфрли иницијативата на Достоинство, истиот ден ќе ја напуштиме коалицијата, изјави Ангелов

-Доколку Владата ја отфрли иницијативата на Достоинство, за праведен надомест на нематеријална штета на воените инвалиди, 30 необештени воени инвалиди и 15 семејства на загинати, истиот ден ќе ја напуштиме владината коалиција, истакна Стојанче Ангелов, претседател на партијата Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Тој во вечерашното гостување во ТВ Сител рече дека во случај да им биде отфрлена инцијативата нивното излегување од владината коалиција ќе биде повеќе во знак на револт, но оти сепак се надева дека низ разговор ќе се најде заедничко решение.

-Свесни сме дека нема да предизвикаме политички земјотрес. Ние работиме реал политика, свесни сме дека сме мал политички фактор, без пратеник и како и да е нашето излегување од владината коалиција ќе биде повеќе во знак на револт. Но, јас искрено врз основа на изјавата на премиерот, јавно дадена изјава која ја повторив во два наврата деновиве, се надевам дека низ разговор ќе најдеме решение со кое ќе го надминеме овој горлив проблем, изјави Ангелов.